Честитка од претседателот Иванов по повод еврејскиот празник Рош Хашана

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Рош Хашана, односно започнувањето на еврејската Нова година, упати честитка до претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, г-ѓа Берта Романо-Николиќ и до припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија.

„Почитувана г-ѓо Романо-Николиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија, да Ви го честитам големиот празник Рош Хашана.

Рош Хашана е празник на кој припадниците на Еврејската заедница се присетуваат на сите добри и лоши дела во текот на изминатата година. Затоа и деновите што следат се поврзуваат со длабока етичка и морална одговорност.

Обичаите кои се карактеристични за овој празник се поврзани со блиските и со семејството, со прошката и поддршката, но и со хуманите вредности кои се наша заложба. Желбата за создавање подобар живот и животни вредности е тоа што нè сплотува во учењето едни од други. Негувајќи ги традициите создаваме позитивни вредности за идните генерации.

По повод големиот празник Ви посакувам претстојните празнични денови да ги прославите во духот на повеќевековната традиција, во семеен мир и добросостојба.“– стои во честитката.