Македонија е привлечна за странските инвеститори пред се поради добрата геостратешка локација и близината до европскиот пазар и до Турција, најниските даноци во регионот, поволностите во ТИРЗ, ниските производни трошоци, расположливата едуцирана конкурентна работна сила, заштитата на инвестициите, како и поддршката на инвеститорите од страна на Владата, која е бизнис ориентирана.
Ова го порача министерот за економија Беким Незири на денешната Министерска тркалезна маса на 5. Годишен инвестициски состанок во Дубаи, каде ги претстави политиките, мерките и активностите на Владата на Република Македонија во насока на привлекување и зголемување на странските инвестиции, како главна определба за остварување на економски раст.
Тој истакна дека изминатата 2014 година беше најуспешна во тој сегмент, овозможувајќи зголемување на извозот за 54 отсто за само една година во слободните зони, односно пласман на стоки во странство во вредност од 1,7 милијарди.
Министерот Незири потсети на меѓународните рангирања како доказ за успешноста на политиките во насока на економски раст, како што е најновиот извештај на „Дуинг бизнис 2015 година“, според кој Македонија е повторно меѓу лидерите во регионот, особено во делот на водење бизнис, додека според Извештајот „Плаќање даноци 2015“ земјата е позиционирана на 7. место од 189 земји, со што останува меѓу земјите со најниски даночни стапки во светот.
На прашањето дали постои простор за билатерални или мултилатерални договори кои нудат заштита на странските инвеститори, министерот Незири објасни дека законската регулатива обезбедува еднаква основа за странските инвеститори со домашните.
„Како членка во МИГА (Мултилатерална агенција за гаранција на инвестиции) од 1994 година, обезбедена е заштита на странските инвестициии од политички ризик и регулирани се постриктни заштитни стандарди за странските инвеститори. Досега Република Македонија има потпишано вкупно 39 билатерални договори за поттикнување и заемна заштита на инвестиции со други земји, од кои се ратификувани вкупно 35 договори. Присуството на многу светски познати компании, кои ја избрале токму Македонија за инвестирање е доказ повеќе за обезбедената сигурност на нивните инвестиции, фер третманот и еднаквите права за секој инвеститор, како и одличните услови понудени на странските компании“, потенцираше Незири.
На годинашнава средба на тема „Одржлив развој преку СДИ – Индуциран трансфер на иновации и технологија“, која е под патронат на Шеикот Мохамед Бин Рашид Ал Мактум, заменик претседател на ОАЕ, премиер и владетел на Дубаи, земаа учество претставници од 140 земји, кои дискутираа за политиката и потребните регулаторни рамки, балансирање на правата на интелектуална сопственост за ефективно искористување на СДИ, како средство да се постигне трансфер на технологии, трендовите за СДИ, поврзани со истражување и развој, како и привлекување и интегрирање на глобалните мрежи на знаење и нивната улога во поттикнување и привлекување на СДИ.
Министерот за економија на Обединетите Арапски Емирати, Султан бин Саед Ал Мансури, рече дека се посебно горди што се домаќинина собирот.
„На овој собир се присутни и креатори на одлуки, но и инвестициски експерти, при што акцентот го ставаме на жешките инвестициски дестинации во светот. Тоа што мене посебно ме радува на овој 5. по ред Годишен инвестициски состанок е враќањето на оптимизмот на глобалната економска сцена, после повеќе од пет години застрашувачки економски предизвици. Според повеќето аналитичари, предвидувањата се дека глобалниот БДП ќе порасне и до 3,3 отсто во 2015 година, што е знак дека глобалната економија заздравува и дека инвестициите ќе бараат нови атрактивни пазари,“ истакна Ал Мансури.
Во рамки на инвестицискиот состанок, кој ќе заврши утре, се одржува и голем светски саем со повеќе од 500 изложувачи од различни сектори, меѓу кои и од земјоделско-прехранбената индустрија, телекомуникации, и медицинска технологија.