Заев: Директни докази откриваат корупција на Мијалков и поддршка од Груевски

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес одржа прес-конференција, на која истакна:

Обелоденивме редица скандали што потврдуваат противуставно и противзаконско работење на Никола Груевски, неговиот братучед Сашо Мијалков и тесната група околу нив.

Обелоденивме докази што ја откриваат алчноста, лакомоста и криминалот на којшто без да трепне е подготвен Никола Груевски кога се во прашање неговите лични интереси. Парцели во илјадници квадрати, вредни милионски суми во евра, оф шор компании и становите по коишто е познат Груевски.

Денеска пред јавноста во Македонија откриваме уште еден огромен корупциски скандал во Македонија и поширокиот регион, со најдиректни, најконкретни и најјасни докази за класична корупција во врвот на власта. Станува збор за корупција на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Дел од разговорите, почитувани граѓани, потврдуваат дека зад мега скандалот стои и Никола Груевски, кој од позицијата премиер на Македонија, ја обезбедил реализацијата на криминалниот и корупциски бизнис во земјава.

Во овие аудио докази не се зборува во шифри.

Овде `се е јасно како бел ден.

Овде се зборува за точни суми пари, со многу нули, што како провизија за доделен бизнис, преку Русија, Будимпешта… завршуваат кај Сашо Мијалков.

Штом за бизнисот е директно надлежен Сашо Мијалков, можете да претпоставите за што станува збор.

Станува збор за набавка на опрема за тајната полиција на Македонија, од Израел.

Бизнисот го договара директорот на УБК, Сашо Мијалков, преку неговата десна рака во случајот, соработничката Светлана Костова. Од израелска страна, лицето со кое се преговара и од кого Мијалков ги добива милионските суми провизија е Haim Hakeyny, како што може да се дознае од разговорите, од Израел.

Што се случило?

За да почне да преговара за набавката од Израел, Сашо Мијалков побарал од Израелецот Haim Hakeyny, провизија од неверојатни половина милион евра. Само за да ги продолжи разговорите со Израелецот, тој инсистира да ги добие, до евро, побараните половина милион евра.
Од разговорите што ги води во негово име соработничката Светлана Костова, која доследно ги спроведува директивите на Мијалков, ќе слушнете како се одвива целата коруптивна зделка.

Во разговорите од аудио снимките се споменуваат суми од 500 илјади евра, три пати по 900.000 евра, 200.000 евра, 840.000 евра!

Тука ќе се потсетите и која е Светлана – тоа е таа соработничката на Мијалков, којашто Сашо Мијалков, како што веќе слушнавме во претходна прес конференција, ја израдува дека ја наместил за судијка. Дополнително скандалозно во целиот случај е што оваа личност, Светлана Костова, и од позиција на судијка во Управниот суд, продолжува да ги врши валканите зделки за директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, поврзани со овој коруптивен случај.

Слушнете ги редоследно сите разговори поврзани со оваа афера, што најдиректно го откриваат овој дрзок, криминално – корупциски скандал.

Освен аудио доказите, за овој скандал, почитувани граѓани постојат и друг вид докази.

Постојат докази во форма на СМС пораки, за СМС комуникции помеѓу Сашо Мијалков, посредничката Светлана Костова и Израелецот Haim Hakeyny.

Еве една од пораките, покажува дека Израелецот му пуштил на Мијалков 540.000 евра, по што Мијалков прифатил да се сретне со него. Средбата е закажана и реализирана, по еден месец, во Скопје.

Еве што му пишува Костова на Мијалков, можете да следите на видео бимот:

„Директоре, денеска пријателот испрати 540.000 евра. Хаим, како што беше договорено со вас, ќе дојде повторно на 12-ти мај. Директоре, би сакала да ве потсетам дека вие треба да се видите со Хаим. Тој ми се јави сабајлево за да праша кога ќе има средба со вас“.

slika2pres0104

Гледате ли што се случувало?

Дека Израелецот Haim Hakeyny бил чест гостин во Македонија покажува овој документ од неговите влегувања и излегувања во и од земјава. Тој дошол во Македонија, дента кога ги префрлил 540-те илјади евра, на 5 април. Заминал на 6 април. Клучното следно доаѓање на Израелецот му е, како што е договорено преку СМС пораките, преку Деве Баир на 12 мај. Инаку има доаѓања во Македонија и во меѓу периодот. По 12 мај, се отвора патот за новата провизија и на 23 мај, како што видовте, легнуваат 840-те илјади евра, дел од вкупната провизија, што ја побарал Сашо Мијалков – за опремата за тајната полиција во Македонија договорена со Израел. Станува збор за 2011 година. Но овој документ открива дека Израелецот бил чест посетител на земјава од 2008 година.

slika5pressdsm slika3pressdsm - Copy slika5pressdsm (1) - Copy

Како во сето ова е инволвиран Никола Груевски, ќе ве вратиме на две снимки од почетните прес конференции. Станува збор за разговорите помеѓу Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, кога Јанкулоска се жали дека МВР не може ни струјата да си ја плати, кога Ставрески `и бара кратења на трошоците, а кога таа вели дека кај тие 850 не може да скрати. Не може, затоа што Груевски, како што вели: “Сто пати ми рекол таму не пипкај“!

Тие 850 што ги споменува Јанкулоска, се 850 милиони денари или безмалку 14.000.000 евра што одат од парите на граѓаните, од Буџетот на Република Македонија, за коишто била договорена, како што сега дознаваме, провизијата на Мијалков со Израелците. Тука е и разговорот на Јанкулоска со Мијалков, што исто така потврдува и дека од тие пари не смее да крати.

Еве ги тие разговори.

Почитувани граѓани,

Изминатиов период, токму од поранешниот прв човек на Дирекцијата за јавна безбедност, Горан Митевски, стигна тврдење дека снимките кои се автентични, се направени со опремата за прислушување набавена во 2008 година од Израел.

Истовремено, од ова што го слушнавме денеска, станува јасно дека е набавена опрема за прислушување и во 2011 година.

Граѓаните на Македонија, платиле безмалку 14.000.000 евра за опрема којашто била набавена за да биде злоупотребена, за Груевски и Мијалков да влезат во животите на сите нас, за да ги контролираат животите на граѓаните на Македонија. Но скандалозното прислушување било поврзано со уште една, неверојатно голема криминално корупциска афера, во којашто е инволвиран врвот на власта, а којашто носи огромен срам за Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Гледате дека секоја наредна прес конференција покажува за какви нечесни луѓе се работи и со какви криминали ја срамат Република Македонија. Само пари и моќ им било важно на Груевски и Мијалков, а `се друго било претстава за граѓаните.

Да не дозволиме ова никогаш повеќе да не се повтори.

Продолжуваме…“– истакна Заев.

Извор: www.sdsm.org.mk