Честитка од претседателот Иванов по повод големиот еврејски празник Пaсха

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот еврејски празник Пaсха, упати честитка до Берта Романо-Николиќ, Претседател на Еврејската заедница во Република Македонија, како и до сите припадници на Eврејската заедница во Република Македонија.

„Почитувана г-ѓо Романо-Николиќ,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, Вам и на припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија да Ви го честитам претстојниот празник Пaсха, денот кога се прославува ослободувањето на Евреите од египетското ропство.

Историјата на еврејскиот народ е бурна и познава многу неправди, на раселувања и прогонувања, на големи жртви и страдања. Но, уште позначајно е дека тоа не ја намалила надежта за подобар живот, независност и самостојност, туку напротив само ја зајакнала. Токму затоа ги чествуваме празниците како овој, за да не потсетуваат дека не треба да го заборавиме минатото бидејќи тоа не учи и ни дава надеж за нови предизвици и победи.

Припадниците на Еврејската заедница се прифатени и се почитувани како неотуѓив дел од македонскиот модел на соживот и придонес во општествениот развој на Република Македонија. Негувајќи ги меѓусебните односи и традиции создадовме вредности за идните генерации.

Честитајќи Ви го празникот Пасха примете ги моите искрени желби за мир, меѓусебна доверба и пријателство.“– стои во честитката.