Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници

Влегувањето на Исус Христос во Ерусалим откако го воскресна четиридневно погребениот Лазар е мигот на најмногубројното и најрадосното препознавање во Него Господ и Спасител. Исус влегува во престолнината на осле, според старозаветното пророштво. Ова е уште еден од многубројните знаци по кои би можеле да Го препознаат, но сепак овој знак не го разбраа ниту Неговите ученици. Многуброен народ наслушна дека ќе дојде, па го дочекаа со палмови гранчиња во рацете. Значи, ги слекуваа облеките од себе постилајќи ги пред Него и во восхит возвикнуваа вдахновено: Осана! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово, Царот Израилев! Дури и некои од дојдените Елини на поклонение за Пасха пристапија и молеа да Го видат. Единствено свештенството и фарисеите се озлобија готвејќи се да Го погубат брзо, а мислеа да го убијат и Лазар кој сведочеше за Неговата сила и за Неговото Божество. И повторно Господ се труди да им го открие Својот идентитет на насобраните и да ги подготви за најблиската иднина и за смислата на оваа мисија и нејзините искушенија. Всушност, кога им се обраќа со словото за Крстот, тие тогаш го губат знаењето за Него како за Цар и Христос, тогаш им се затвара умот за словото и за Писмата.

Цветници се празнуваат во неделата пред Воскресение. Претставуваат сигурно најдраматичниот празник меѓу Дванаесетте големи празници на Црквата. Го ознауваат почетокот на најтешката седмица во историјата на човештвото, којашто аскетското трезвеноумно познание на човековата природа ја нарекува „Страстна“.

Инаку, во Македонија овој празник се празнува различно. На пример во гостиварско Зубовце, на овој ден младите невести, девојките и девојчињата со кошници во рацете, одат на прошетка во селските ливади. Берат цвеќиња. Прават толку цветни кивчиња колку што има членови во нивната фамилија. Прават и една поголема китка за куќата која, по враќањето дома, ја оставаат пред домашната икона.

По берењето на цвеќињата и при правањето на китчињата, младите невести, девојките и девојчињата пеат:

Ајде Цвето на цвеќе, Лазаре

Цвеќе да си береме, Лазаре,

Китки да си китиме, Лазаре,

Кому китка по китка, Лазаре,

На Лазара пет китки, Лазаре.

Младите невести, девојките и девојчињата со китките во раце пеат и други песни и играат.