Министерката за култура Елизабета Канческа–Милевска денеска имаше средба со американскиот амбасадор Џес Бејли на која е оценето дека двете држави имаат одлични културни врски, кои се одликуваат со реализација на голем број проекти од сите дејности на културата.
Канческа-Милевска, како што информираше ресорното Министерство, се заблагодарила за огромната поддршка што Амбасадата на САД во Република Македонија, преку Амбасадорскиот фонд, ја дава за заштитата на културното наследство и изразила уверување дека македонско-американското партнерство и понатаму ќе претставува инспиративен пример за успешна соработка во полза на културата и нејзините вредности.
Таа потсети дека од 2001 година, од Амбасадорскиот фонд се издвоени над еден милион долари за реализација на 12 проекти со кои е извршена конзервација и реставрација на значајни споменици на културата. Меѓу нив е грантот за реставрација на фреските и конзервација на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид што се очекува да биде реализиран до крајот на годинава, а во Кратово во тек е проектот за ентериерно уредување на Златковата кула. Министерката за култура информираше дека минатата година, со посредство на Министерството за култура, Музејот од Куманово доставило апликација до американската Амбасада во Скопје за поддршка за проектот за уредување, заштита и афирмација на архео-астрономскиот локалитет Кокино.
На средбата е истакнато дека од особена важност за афирмација на културата на САД во нашата земја, но и за промоција на македонските културни вредности на американскиот континет, е соработката меѓу институците од областа на културата од двете земји. Канческа-Милевска нагласила дека е голем бројот на уметници од САД кои се претставуваат на реномираните фестивали во Македонија како што се „Охридско лето“ и „Мајски оперски вечери“, а годинава во Народниот театар во Битола, во рамки на третиот „Битола Шекспир фестивал“, ќе биде одиграна претстава во режија на Џон Блондел од САД.
Соговорниците го поздравиле и долгогодишното функционирање на американските катчиња во Скопје, Битола и во Тетово, а нагласена е и соработката меѓу двете земји во областа на кинематографијата, при што во изминатиот период голем број македонски филмови се презентирани на фестивалите во САД, а реализирани се и неколку копродукции во соработка со американски филмски компании.
Канческа – Милевска нагласила дека меѓународната соработка е високо рангирана во приоритетите на Министерството за култура и оти изминатиот период македонските културни вредности со многубројни активности биле претставени на американскиот континент. Во тој котекст посочила на манифестацијата „Денови на македонската култура во САД“, како и презентацијата на културните, археолошките и туристичките вредности на Република Македонија во просториите на „Скандинавската куќа“ во Њујорк, во организација на списанието „Археолоџи магазин“. Министерката за култура подвлекла дека за македонските уметници, од особена важност е и претставувањето во Македонскиот културен центар во Њујорк.
Од активностите што ги поддржа Министерството за култура во својата програма, во 2015 година е предвиден настап на Дуке Бојаџиев со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во престижниот „Карнеги хол“ во Њујорк, во рамки на Деновите на македонската култура. За годинава, меѓу другото, Министерството за култура ја поддржа и реализацијата на самостојната изложба на Решат Амети во галеријата „ТАИ“ во Њујорк