Стојаноски: Која е причината за нелогичната зделка за осветлување во Охрид?

ОО на СДСМ Охрид, денес одржа прес-коференција, на која говореше координаторот на советничката група на СДСМ Охрид,  проф. Д-р Јован Стојаноски.

„Одлуката за одржување на осветлувањето во општина Охрид преку Јавно приватно партнерство, значи откажување на приходи во буџетот на општината во наредните години и тоа во износ од над 5 милиони евра.

Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ наместо да ги внесат овие средства во градскиот буџет, тие “великодушно” ги отстапуваат на приватна компанија од Чешка. Зошто?

Аргументите за исплатливоста на инвестицијата во јавното осветлување се прикажани во Физибилити студијата која беше изготвена и тие се достапни за граѓаните.“- рече Стојаноски и додаде: 

„Студијата, јасно покажува дека вкупната инвестиција изнесува само 3.5 милиони евра, а за време на 15 години (период колку што е договорот за ЈПП), приватниот партнер ќе ги врати вложените средства и ќе заработи над 5 милиони евра.

Зошто ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Бакрачески не обезбедија средства самата општина да ја реализира оваа инвестиција, која за брзо време ќе врати дополнителни средства во општинскиот буџет?

Зошто во ситуација кога се намалуваат приходите, локалната власт се откажува од овие значајни средства? Станува збор за сериозни суми на пари кои значително можат да придонесат за развој на нашата општина и за реализација на многу комунални проекти значајни за граѓаните на Охрид.

Дали можеби причината за оваа, економски нелогична зделка, е што зад наводниот инвеститор од Чешка Република, всушност стои македонски државјанин близок до локалната власт и ВМРО-ДПМНЕ?“– заврши Стојаноски.