Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, по повод 8 април – Меѓународниот ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија.
„Чест ми е, во името на Владата на Република Македонија и во мое лично име, на сите наши сограѓани, припадници на ромската етничка заедница, со искрена желба за многу здравје, радост и среќа да Ви го честитам 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
Вреднувањето на различноста и културните посебности на секоја заедница која е дел од нашето мултикултурно општество е традиција на која сме посебно горди. На овој ден Македонија ја обележува културната специфичност и традиции на ромската заедница која е една од најстарите на нашата територија. Со Вашата единствена и препознатливa култура Вие ја збогатувате разноликоста по која нашата држава е препознатлива.
Силата на нашата земја потекнува токму од нашите различности. Начинот на кој го стимулираме развојот на етничкиот, религиозниот и јазичниот диверзитет е доказ за слободоумието и инклузивната култура која е белег на македонското општество. Во оваа насока и во иднина ќе продолжиме да работиме. Ќе го развиваме мултикултурализмот и активно ќе продолжиме да го поддржуваме соживотот, соработката и хармонијата на нашето општество. Таквиот принцип на братство и пријателство значи и дека проблемите и предизвиците со кои се соочува ромската заедница во Република Македонија не се само Ваши, тие не засегаат сите нас. Отворањето на нови работни места, подобрувањето на здравството, унапредувањето на образованието и целокупната изградба на земјата зависат само од нас и од подготвеноста да функционираме како целина, сложно и посветено. Иднината на Македонија е иднина на Ромите и наша заедничка иднина, која можеме да ја изградиме онака како што посакуваме само преку сплотеност и заедништво, како што тоа сме го правеле и во минатото.
Почитувани припадници на ромската заедница, Ви посакувам добро празнично расположение, среќа и бериќет во Вашите семејства.
Нека Ви е честит големиот празник!“– стои во честитката.