Арсовска Томовска на отворањето на настанот NASA Space Apps Challenge 2015

Во организација на New Man`s првиот бизнис акселератор во Македонија и во соработка со 15 младински и студентски организации, денеска започна дводневниот хакатон, кој оваа година по третпат се организира во Скопје.

Тимови од целиот свет соработуваат и се поврзуваат со јавно достапни информации кои се ставени на располагање од страна на американската агенција NASA, со цел да дизајнираат иновативни решенија за глобални предизвици од областа на зачувување на Земјата и истражување на вселената.

Посакувајќи им успех на учесниците на натпреварот, заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, истакна дека причинува големо задоволство подготвеноста на нашите млади програмери, дизајнери, иноватори и претприемачи, да ги измерат своите сили со нивните колеги од другите земји и да бидат меѓу најдобрите.

„Како држава, од ден на ден сме сé поподготвени за вакви предизвици, а патем сме се повеќе почитувани и уважувани на светската информатичка мапа. Стануваме се поатрактивна дестинација за многу ренормирани фирми и компани во светот, и имам чувство дека Македонија е расадник на креативен и талентиран млад свет.“– рече во обраќањето Арсовска Томовска.

Таа додаде дека Министерството за информатичко општество и администрација е целосно посветено и подготвено да даде свој придонес во промоцијата на ИКТ областа и генерално за развојот на иноваторството и претприемачкиот дух, особено кај младите програмери.

Освен во Скопје, годинашниот хакатон за прв пат се реализира и во Тетово, Охрид и Битола, додека во светот настанот се одржува во вкупно 135 локации и истовремено ќе учествуваат над 10.000 лица.

Во 2014 година, Скопје се позиционираше како лидер на глобално ниво со реализирани најголем број на проекти прифатени од страна на NASA, а еден тим од Скопје го освои високото второ место на глобално ниво.

sl0904NasaSpace1_g