Средба на министерката за култура со менаџери и уметнички директори на најзначајните институции од областа на културата во Кина

Делегација на менаџери и уметнички директори на најзначајните институции од областа на културата во Кина денеска имаа средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска по повод гостувањето на „Драгон кунг фу современа танцова компанија“ од Пекинг на 28 април во Велешкиот театар за затворањето на 11-тото издание на „Танц-фест“.

Канческа-Милевска и кинескиот амбасадор во Македонија Вен Џеншун на прес-конференција искажаа задоволство од досегашната соработка во културата која ќе се унапредува со идни гостувања и размена на проекти.

„Македонија и Кина негуваат одлични релации во областа на културата. Програмата за културна соработка која беше потпишана во 2011 година овозможи да се одржат многубројни настани, меѓу кои беа и Деновите на македонската култура во Кина, а по повод одбележувањето 20 години од дипломатските односи, во Скопје и во Охрид настапи кинескиот младински национален оркестар од Пекинг“ -истакна Канческа-Милевска.

Таа наведе и други примери со кои се продлабочува македонско-кинеската културна соработка – возвратните театарски гостувања, преводот на 135 тома македонска литература на кинески јазик низ антологиски приказ, а потсети и дека годинава добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата е кинескиот поет Беи Дао.

Амбасадорот Вен Џеншун, исто така, подвлече дека Македонија и Кина имаат успешна соработка на политички и на економски план, особено во инфраструктурните проекти, како и во размена на културата.

„Оваа година Кина испрати многу силна и на високо ниво танцова група, „Драгон кунг фу современа танцова компанија“, да гостува на свеченоста за затворањето на „Танц-фест“. Амбасадата на Кина во Македонија продолжува да ја поддржува културната размена меѓу Македонија и Кина. Се надевам дека македонските медиуми ќе посветат внимание на културната размена меѓу двете земји и ќе информираат за големите настани“ – рече Џеншун.

Уметничкиот директор на „Танц-фест“, Рисима Рисимкин, истакна дека фестивалот повторно покажал дека е мост на културата меѓу Македонија и светот зашто оваа танцова компанија првпат гостува во Македонија. Таа соопшти и дека „Скопје танц театар“, кој е организатор на „Танц-фест“, во мај ќе учествува на фестивал во Пекинг, каде што со две програми ќе го претстави македонскиот современ танц.

„Драгон кунг фу современа танцова компанија“ ќе гостува со 11-члена екипа која ќе го изведе проектот „Кунг фу танц” – комбинација од борачки вештини и танц. Проектот е на шестмина кореографи, во режија е на Лиу Лу и музика на Зоу Ханг. Во пет сцени ќе бидат презентирани традиционалната култура и современата уметност во Кина, во која борачките вештини се традиционален спорт, но и мошне ценето културно наследство.

Компанијата е основана во 2006 година од светски познатата кунг фу ѕвезда Џеки Чен. Вклучува членови од престижни кунг фу групи од Кина и сите имаат богато изведувачко искуство на кунг фу-техниките.

05_poseta_dir_Kina_400