Студиото, кое е отворено со кредит преку проект на Владата за самовработување, денеска го посети министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека е искористен проектот за самофинансирање и за сопствен бизнис во унапредување, а особено во делот на културата.
Таа и се заблагодари на директорката на „Арт балет“, Тамара Ѓурчиновска, која е балетски педагог и кореограф, за нејзиниот силен ентузијазам за отворање на студиото.
Да се создаде едно вакво студио и да се дејствува едукативно во еден кадар, кој е многу важен за нашата држава, и тоа во делот на културата, во делот на балетскиот кадар и подигнувањето на свеста, што значи уметност, култура уште од најмали години, верувам дека ќе вроди многу со плод. Верувам дека голем дел од дечињата ќе станат вистински уметници и ќе ги најдат своите места во нашите институции, во Македонската опера и балет, каде што може самостојно да дјствуваат како врвни уметници – истакна Канческа-Милевска.
Како Министерство за култура, посочи министерката, како и досега и во иднина ќе даваме силна поддршка на овие млади уметници, на овие млади таленти.
„Ние континуирано го правиме тоа преку нашата годишна програма, ја препознавме вредноста на Арт студиото и во изминатиот период навистина дадовме силна поддршка за нивно меѓународно претставување. Освоија многу значајни светски награди. Оваа година во Австрија освоија шест први места, втори и трети места…, а освоија награди и во Италија, Бугарија итн. Тоа многу значи за Македонија и за нив лично и за нивно унапредување во врвни таленти и вклучување во културниот амбиент на нашата држава“ – рече Канческа-Милевска.
Таа додаде дека „Арт балетот“ заслужено ја доби и престижната награда од Министерството за труд и социјална политика како еден најдобар бизнис за изминатиот период во делот на културата.
Ѓурчиновска рече дека студиото го отворила пред девет години кога имала само 21 година.
„Сите беа скептични на почетокот, но „Арт балет“ се разви во едно јадро на уметноста бидејќи, пред се, јас сум уметник и многу ја сакам уметноста. Мојата цел е, пред се, да им пренесам на децата еден убав дел од живот затоа што сонотна секое девојче е да биде балерина. Почнува од сон, почнува од хоби, а понатаму на некои од нив им поминува и во професија. Драго ми е што тие може да ја почувствуваат магијата на сцената, убавината на класичната музика“ – посочи Ѓурчиновска.
Таа нагласи дека големо богатство е што имаат голема поддршка од семејствата на дечињата.
„Министерството за култура има разбирање за приватните студија како нас. Ние сме клучна гранка во културата бидејќи постојат многу уметници кои не често се охрабруваат да започнат сами. Би ги поздравила и поттикнала сите млади кои се занимаваат со која било уметност едноставно да ја вклопат секоја нивна идеа, да постапат храбро и да го земат секој предизвик затоа што носи успех“ – рече Ѓурчиновска.
Таа потенцира дека дечињата на 30 јули минатата година на светскиот шампионат во градот Остија во Италија освоиле две први места во категоријата класичен балет јуниори и во категоријата класичен балет сениори.
„Во Србија освоивме 13 први места, потоа следуваше Виена каде што имавме шест први места, три втори места, три трети места, две четврти места, едно петто и едно деветто место. Секогаш кога заминуваме на овие патувања гледаме да се претставиме со што повеќе кореографии и танцувачки стилови “– рече Ѓурчиновска.
Министерката Канческа-Милевска рече дека со Ѓурчиновска разговарале да им се даде можност во Македонскиот народен театар да направат поголем концерт.
„Имавме 12 самостојни концерти. За годинава ја подготвуваме „Четири сезони“ од Антониот Вивалди. Ќе ми биде чест и задоволство ако тоа се случи во МНТ бидејќи на овие дечиња им е потребна сцена каде што ќе може да го прикажат сето она што макотрпно го работат во студиото“ – додаде Ѓурчиновска.