Магацин на АРМ ќе се пренамени во прв Центар за дизајн во Македонија

Објект кој бил магацин на Армијата на Република Македонија, со вкупна површина од 1.450 метри квадратни, ќе биде реновиран и пренаменет во прв Центар за дизајн во Македонија. Лоциран е на улица „50-та дивизија“ во Скопје и досега беше под надлежност на Министерството за одбрана, а со одлука на Владата му е даден под наем на Здружението „Јавна соба“ од Скопје за период од 20 години.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски му го предаде симболично клучот од објектот на Александар Велиновски од „Јавна соба“, во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Таа истакна дека Центарот за дизајн во Република Македонија или Дизајн прототип центар – Јавна соба ќе биде единствен од својот вид на Блаканот, чија цел е да го подигне и артикулира работењето на дизајн секторот во Македонија и регионот.

„Овде младите дизјанери и иноватори ќе можат да користат најразлични машини, алати и техничка експретиза за да развијат прототип на производи кои ќе бидат понудени до македонските компании. Убедена сум дека ќе прерасне во епицентар на иновативноста и креативноста во Македонија, како и простор за експериметирање, креирање и развој на нови идеи, прототип решенија и развој на претприемништвото помеѓу дизајнерите. Иновативните решенија во вистински формат, овде, ќе бидат изложени, тестирани во помали размери пред јавноста и доколку го поминат првичниот испит, ќе го побараат својот пат на пазарот“, – рече Канческа-Милевска.

Центарот е дел од проектот Креативни индустрии, кој во изминатите години се покажува како исклучително продуктивна и профитабилна област. За да го поттикне креативниот сектор, Министерството за култура од 2013 година објавува годишни конкурси за финансирање проекти во областа на креативните индустрии и досега се одобрени вкупно 149.

И министерот Јолевски го подвлече значењето на креативните индустрии.

„Економија базирана на креативност и знаење е важна фаза од развојот на секоја земја. Сигурен сум дека овој објект ќе им користи на сите наши уметници и на други луѓе кои имаат идеи, за нивните иновации да бидат видени од бизнисмените и да си го најдат местото на пзазарот“, – истакна Јолевски.

01_dnevna_soba

Реновирањето и преадаптацијата се планира да заврши до септември. Предвидено е да опфати студија во кои ќе работат младите дизајнери, да има работилници за метал и дрво, тапетарска и макетарска работилница…

Александар Велиновски од „Јавна соба“ рече дека новата институција ќе биде значајна и за дизајнерите и за бизнис-секторот.

„Целта на Центарот е да ја зајакне таа врска, која не функционира доволно добро во Македонија, регионот, па и пошироко. Да не биде присилувана со додатоци од фондови и финасиски инјекции, туку вистинска, органска врска меѓу нив. Бизнис-секторот преку креативноста на младите дизајнери ќе го унапреди своето работење а, од друга страна, дизајнерите ќе постигнат самостојност во работењето“, – рече Велиновски.

Тој ги покани дизајнерите од Македонија и од регионот да ги изработуваат своите прототипови во Центарот, а негова задача, рече тој, ќе биде да ги спои дизајнерите и нивните прототипови со локалниот бизнис-сектор, т.е. со производителите.

Во Центарот за дизајн ќе се реализираат активности и со средства кои Балканската дизајн мрежа ги доби од програмата на Европската унија „Креативна Европа“. Мрежата беше основана минатата година од „Јавна соба“, Миксер организација од Белград и Хрватското дизајнерско друштво од Загреб.

02a_dnevna_soba