Претседателот на Македонската шаховска федерација во придружба на првите луѓе на шаховските клубови како и претставникот на Европската шаховска федерација г-дин Иван Соколов, денес остварија средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт мр. Марјан Спасески.
Повод е посетата на шаховскиот велемајстор Соколов во врска со подготвеноста на Македонија за одржување на Европското клубско шаховско првенство најавено за Октомври годинава. Дискутирани беа детали околу подготовката, техничките и oрганизациони поединости, медиумското покривање како и поддршката која Агенцијата може да ја обезбеди за беспрекорно одржување на едно континентално натпреварување. Целта е Македонија да се покаже во вистинско светло и повторно да биде пример за организација како што беше случајот со шаховската Олимпијада во далечната 1972.
Обврската е дотолку поголема кога се знае фактот дека се очекува учество на преку 500 натпреварувачи меѓу кои осум натпреварувачи од топ 10 листата на Европа, што значи дека нашата држава ќе ги удостои и светстките шаховски велемајстори.
„Република Македонија во минатиот период беше добар домаќин и успешен реализатор на низа спортски манифестации, а се надевам дека така ќе биде и овој пат. Особено ме радува што овој пат станува збор за шаховска манифестација. Агенцијата за млади и спорт стои на располагање секогаш кога станува збор за настани од светски карактер кои носат промоција на спортот и државата“. – изјави Спасески.