Претседателот на СДСМ, Зоран Заев од Охрид порача: Нема бегање, криминалците од власта ќе одговараат пред законот. Пренесуваме дел од говорот:
„Овие денови власта ја фаќа паника па почна да прави валкани работи, почнаа да влегуваат во лоши сценарија. Запалија автомобил на активист на СДСМ, запалија и уште еден автомобил во Битола на активист на СДСМ, денеска запалија и трет автомобил во Велес, на активист на СДСМ, роднина на семејството на Тамара.
Ајде да им испратиме една порака од овде.
Господа од власта, зарем не сте свесни во какво сценарио влегувате, зарем не мислите дека и утре има ден? Зарем не знаете какви сметки се плаќаат на крајот од денот за вакви валкани работи? Престанете веднаш со вашите црни сценарија заради тоа што народот е тука, нема да дозволи да се креираат било какви црни сценарија во нашата Македонија.
Нека се знае јасно и гласно, никој нема право да вети и да договара амнестија за криминалците од власта. Ние ветуваме секој ден, дека тоа што се случувало во нашата земја, во Македонија, нема да дозволиме никогаш повеќе да се повтори. И притоа треба да знаат сите, се што имаат украдено, изнудено и ограбено ќе го вратат на народот и државата.
Од тоа бегање нема.
Не постои притисок, уцена или закана којашто може да се случи, да подпадне опозицијата под влијание, па да попушти. Зарем вака со дигнати глави, сите сме по плоштади и по улици за да попуштиме? Сега попуштање нема! Само напред со кренати глави, намерата е исконска и искрена. Слободата и демократијата во нашата земја!
Во име на се поголемото мнозинство на граѓаните, во име на Уставот и законите во Република Македонија, испраќаме порака до сите оние граѓани кои сè уште не се одважиле, да ја исполнат својата татковинска обврска, да застанат во одбрана на Уставот и законите и суверенитетот на Република Македонија!
Да се изборат рамо до рамо со нас за слободата, демократијата и правдата во нашата земја.“- истакна Заев.
Извор: www.sdsm.org.mk