Претседателот на ОО СДСМ Центар, Саша Богдановиќ денес се обрати пред јавноста.
„Центар е симболот на непокорот. Центар победи кога беше најтешко. Центар опстојува и покрај сите притисоци и закани. Центар и понатаму победува. Еве денес го победивме и лошото време.
Денес сме сите собрани уште еднаш да ја потврдиме Вистината за Македонија и Вистина за Центар. Сé она што ќе го слушнете денес, го знаете и самите. Лично гo имаме заедно доживеано.
Знам дека со овие разговори ќе се присетите на уништените влезови, заглавените лифтови, избушените гуми, скрешните штабови, крадењето на избирачки материјал, човечињата од Пустец. Но, денес сме тука за жал да слушнеме и уште полоши работи.
Тоа што го имате слушнато и тоа што ќе го слушнете, мене ме охрабрува. Знам дека и вас ве охрабрува. Знам дека заедно како и секогаш до сега, ќе извојуваме нова победа за центарци, нова победа за Центар.
За точно една недела, центарци ќе гласаат за зачувување на автентичниот изглед на Гратскиот трговски центар. Ама тоа не е само референдум за ГТЦ. 26 април е референдум за слободата, референдум за демократијата, референдум против начинот на владеење на Никола Груевски.
26 април ќе биде уште една голема бомба, која ќе ги разниша темелите на злосторничкото владеење на Никола Груевски. Но, во исто време ќе ги зачува автентичните темели на ГТЦ, но и темелите кои ги има во сите нас, а тоа е желбата за нормална, слободна и демократска Македонија.
Сега ќе слушнете еден пример, којшто не смеел да се случи во слободна и демократска земја. Ќе слушнете само еден од многубројните примери на кршење на партиски штабови и кој всушност стоел позади нов. Но, ќе слушнете и кој ги криел.
Меѓутоа она што е најтрагичното за нас центарци, но и за цела Македонија, тое е криминалниот проект Скопје 2014. Следниот сет од 4 разговори ќе потврди чиј болен ум стои зад Скопје 2014.
Никола Груевски наместо да се занимава со проблемите на државата, тој со моливче и гума, го црта и го брише изгледот на нашето Скопје и нашиот Центар.
Ќе слушнете како самонаречениот голем патриот Груевски, со грчкиот бизнисмен Кондоминас го усогласувал изгледот на Офицерскиот дом на плоштад. Ќе слушнете како ги нарекува своите криминогени другари. И ќе сфатите дека наместо 40.000 граѓани на Центар, всушност одлучувале Али Баба и 40 разбојници од Владата.
Ќе слушнете како самите Груевски и Јанакиески признаваат дека цел плоштад е нивни преку контроверзниот бизнимен Алек Теранова, кој веќе ја напушти државата. Ќе слушнете уште една потврда за тоа каков шовинист и нечовек е Никола Груевски.
Да ги слушнеме овие разговори.
На почетокот на моето обраќање, реков дека ова не е само референдум за ГТЦ. Ова е референдум и против Никола Груевски и неговото владеење. Со следниот разговор ќе ви стане јасно дека Никола Груевски е идејниот творец на барокниот изглед на ГТЦ. Тој стои позади овој луд предлог. Не се консултира јавноста, не се консултираат архитекти, граѓани, туку тој самиот лично го нарачал барокниот изглед на ГТЦ.
Велиме дека ова е борба против Никола Груевски и неговата банда. Многу е важно да ја испратам следната порака. Ова не е борба против членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е наша заедничка борба. Следните разговори ќе покажат како Груевски го злоупотребува своето членство, како го наведува на криминал и насилство. Како е подготвен на се. Да злоупотребува црква и чувства на граѓани, само за да си ги заштити плацевите на Водно и милионите од Белизе.
Последниот разговор од овој сет ја покажува расипаноста и нечовечноста на Никола Груевски. После овој разговор, Никола Груевски мора веднаш да поднесе оставка и државата да покрене постапка против него.
Почитувани пријатели,
Многумина од вас ме прашуваат лично и мене и сите останати соборци зошто толку труд и енергија вложуваме во оваа борба. Дали сме свесни дека вакви болни умови се спремни на се и можат да ни направат се.
Почитувани пријатели, свесен сум и свесни сме. Ама и спремен сум и спремни сме.
Мојот пријател Андреј Жерновски тоа веќе неколку пати го докажа и покрај се што му подготвувале. Го докажаа и нашите храбри советници од советничката група. Највеќе го докажавте тоа вие драги сограѓани, со рекордниот резултат во Центар на парламентарните избори.
Без разлика колку и да не чини, без разлика колкава и да е жртвата, оваа битка ќе ја добиеме.
Нема да дозволиме Груевски да го уништи ГТЦ, како што до 2013 го уништуваше Центар. Доста е.
Готово е Никола Груевски. Како што те победивме и ти ги тргнавме рацете од Центар, така за кратко време ќе ти ги тргнеме рацете и од цела Македонија.“ – истакна Богдановиќ.
Извор: www.sdsm.org.mk