Промоција на новиот Правилник за исхрана за припадниците на АРМ

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски во касарната Гоце Делчев заедно со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник, Горанчо Котески, го промовираше новиот Правилник за исхрана на припадниците на АРМ.

Во изјава за медиумите, министерот Јолевски истакна:

„Веднаш по преземањето на мојата функција како Министер за одбрана, преземавме неколку мерки со цел да се подобри стандардот на воените лица, питомците и војниците кои се на служба во Армијата на Република Македонија. Една од тие мерки беше и промена на правилникот за исхрана. Имено, дел од проектот го започнавме овде во Воената академија каде воведовме неколку новини. Прво целта ни беше храната што ја добиваат војниците да биде многу поквалитетна, а исто така и да се искористуваат прехранбените производи кои што ги имаме во Република Македонија и кои се мошне квалитетни. Следна новина која ја воведовме е, одреден дел од храната да биде на принципот на самопослужување, начин кој го има во другите армии од НАТО земјите, односно, со сите оброци да има и супа и чорба, меѓутоа и салати и разни десерти односно овошје. Со ова сериозно ќе се подобри квалитетот на исхраната во АРМ“. – истакна Јолевски.

Министерот Јолевски дополнително посочи дека со направената трансформација на Армијата, односно со професионализацијата на војската, дел од професионалните војници не добиваат исхрана и во таа насока се започна активност Рестартирање на кантините во рамки на гарнизоните, каде по мошне поволна цена ќе се добие високо квалитетна храна.

Во насока на подобрување на станардот и условите на војниците, министерот Јолевски додаде дека е започнато реновирањето на касарните и одреден број на објекти во касарните. Во контекст на градежните зафати, министерот посочи дека се надева, изградбата на првата зграда од проектот „АРМ мој вистински дом“ да започне при крајот на летото.