Министерката за култура оствари работна средба со италијанскиот амбасадор во Република Македонија

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари работна средба со амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Ернесто Масимино Белели, на која стана збор за активностите од областа на културата кои ќе се реализираат претстојниот период. На средбата двајцата соговорници се согласија дека Република Македонија и Република Италија негуваат одлични културни врски кои се потврдени и со реализација на бројни активности и претставувања на македонската култура во оваа земја, но и со промоција на италијанските културни вредности пред македонската публика.

Министерката за култура на средбата информираше дека македонската култура во мај годинава ќе биде претставена на две исклучително значајни манифестации во Република Италија, меѓу кои и на Биеналето на уметноста во Венеција, како и на годинашното издание на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ која традиционално се одржува во Рим. Канческа-Милевска потсети дека меѓу другото, од големо значење за македонската култура е и оперското деби на Благој Нацоски во престижната оперска куќа „Скала“ во Милано, во улогата на Понг во операта „Турандот“.

Италијанскиот амбасадор информираше дека до крајот на годината во Република Македонија ќе се реализираат неколку настани преку кои македонската публика ќе може да се запознае со различни културни содржини и проекти од Република Италија. Тој најави дека на претстојниот меѓународен саем на книгата во Скопје, на посебен штанд ќе бидат организирани промоции на дела на двајца еминенти италијански писатели кои ќе бидат гости на оваа манифестација. Исто така, во мај во Музејот во Битола ќе биде организирана изложба на историски фотографии кои се однесуваат на Македонија и Италија, а во овој град предвидена е и реализацијата на третото издание на манифестацијата „Прозорец кон италијанскиот филм“. На средбата се разговараше за третото, по ред издание на регионалниот едукативен и филмски фестивал за деца и млади „Џифони – Македонија“, кој традиционално во нашата држава се реализира во октомври, како и за македонското учество во рамките на овој светски реномиран фестивал кој во градот Џифони во Република Италија се одржува во јули. Амбасадорот Белели, на средбата, потсети на успешната промоција на Република Македонија во рамките на минатогодишното издание на Медитеранската берза за археолошки туризам во Салерно, во близина на археолошкиот локалитет Пестум, како и реализацијата на изложбата на ранохристијанските мозаици од Равена, чиј домаќин беше Археолошки музеј на Македонија.