МВР: Објавувањето на личните податоци на повредениот полицаец не е етичко

Откривањето на идентитетот на полициски службеник кој бил нападнат и бил жртва на физичко малтретирање не е, ниту пак може да биде предмет на јавен интерес. Напротив, Министерството за внатрешни работи цени дека со објавувањето на неговиот идентитет може да биде доведен во опасност неговиот живот или безбедноста на неговите блиски, особено и заради фактот што истиот во иднина треба да придонесе во истрагата за случајот.

Оттаму, сметаме дека ваквите детали во текстот објавен на Дојче Веле на 21.04.2015 година, а потпишан од авторот Катерина Блажевска, нанесуваат лична штета на посочениот полициски службеник, но и на останатите полициски службеници чиј идентитет и лични податоци во иднина би можеле јавно да бидат публикувани, велат од МВР.

Министерството за внатрешни работи апелира до новинарските здруженија МАН и ЗНМ да им укажат на своите членови во иднина да не се експлоатираат личните податоци на полициските службеници.