Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковскисе обрати на завршниот настан од проектот „Воведување на еколошко означени туристички услуги”на кој Министерството за животна средина и просторно планирање ги доби првите четири формални пријави за здобивање со Еколошка ознака за туристичко сместување од охридските хотели: „Белведере”, „Гранит”, „Лебед” и „Фламенго”.
„Со овие Пријави се докажува дека е започнат процесот за исполнување на условите утврдени со Правилникот за критериумите неопходни за добивање на еколошка ознака за туристичко сместување“ – истакна заменик министерот Темелковски, додавајќи дека ова се првите формални пријави од 2009 година, кога е донесен Правилникот, за чија изработка РЕЦ обезбеди техничка помош.
Со исполнување на критериумите за добивање на еколошка ознака, 4-те хотели го намалуваат штетното влијание врз животната средина, а притоа континуирано ја подигаат свеста на туристите преку нивно информирање за начините како да придонесат кон заштеда на енергија, вода и намалување на количините на отпад.
Во наредниот период Министерството за животна средина и просторно планирање ќе формира Комисија за еколошка ознака со цел спроведување на постапката за процена на Пријавите/Барањата за доделување на еколошка ознака.
„Здобивањето на ознаката е доброволно и зависи од интересот на производителот или давателот на услугата. Еколошката ознака ја доделува МЖСПП врз основа на Барање на правно или физичко лице, а на предлог на Комисијата за еколошка ознака во согласност со Законот за животна средина и прописите донесени врз негова основа“ – објасни заменик министерот Темелковски.
На настанот беше презентиран Процесот на изработка на Барањата за добивање еколошка ознака.
Проектот го спроведува Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ), со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање.