Одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право

Историјата на пишаниот збор е своевиден аналогон на историјата на цивилизацијата, која ја сублимира и синтетизира колективната и индивидуална меморија на човештвото.

Ова го истакна директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Иван Заров на одбележувањето на „23 Април“, Светскиот ден книгата и авторското право за кој оваа година библиотеката подготви заедничка програма во соработка со десет странски културни центри во Македонија.

„Всушност, силата на зборот восприемена во онтолошка смисла, од мугрите на цивилизацијата наваму е фундаментот врз кој почива човековата перцепција за себе и светот што го опкружува“ – нагласи Заров.

Лидија Топузовска, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура, по повод одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право, подвлече дека Република Македонија отсекогаш била земја која особено внимание му придавала на пишаниот збор што се потврдува и со реализација на многу значајни проекти од областа на издавачката дејност.

„Книгата во сите нејзини форми има фундаментално значење за човештвото Прославувањето на денот на книгата и авторското право е прославување на силата на културата, образованието, на слободниот проток на идеи и информации. Taa ги поврзува минатото и сегашноста, сегашноста и иднината, ги поврзува просторите и луѓето од сите континенти без разлика на нивната национална, религиска и полова припадност. Преку неа луѓето дознаваат за другите, откриваат нови светови, нови култури, стануваат благородни, покреативни и подготвени за дијалог“ – истакна Топузовска.

Ирина Бокова, генерален директор на УНЕСКО, во својата порака вели дека книгите, како светски симбол за општествен развој, станаа цел за тие што ја напаѓаа културата и образованието, отфрлајки ги дијалогот и толеранцијата.

„Во таа смисла, нашата порака е јасна: да ги зајакнеме напорите за промоција на книгата, перото, компјутерот, како и сите форми на читање и пишување, борбата против неписменоста и сиромаштијата и да изградиме трајни општества и стабилни темели на мирот“ – пишува во пораката.

Бокова нагласува дека УНЕСКО има улога на лидер во борбата против неписменоста зашто описменувањето е клучот на знаењето.

„Тоа е есенцијално за самодоверба и осамостојување. Книгите, во сите нивни форми, имаат фундаментална улога. Во светот има 175 милиони млади луѓе – поголемиот број се девојчиња и млади жени – кои не знаат ниту да читаат ниту да пишуваат, па затоа УНЕСКО се залага да ги мобилизира технолошките можности за информирање и комуникација, особено мобилните технологии, за да ја развива писменоста и за да овозможи квалитетно образование“ – наведува Бокова во пораката.

Во заложбите за промоција на читањето кај младите и маргинализираните групи, УНЕСКО соработува со Меѓународниот сојуз на издавачи, Меѓународното здружение на книжари и Меѓународното здружение на библиотеки и библиотекарски асоцијации.

За таа цел, Инчеон, Кореја, е избран за Светски град на книгата во 2015 година како признание за нивната програма за развој на читањето кај младите и маргинализираните групи. Програмите поврзани со градот на книгата почнуваат на денот на одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право.

Македонската порака оваа година ја напиша писателот и академик Луан Старова, кој посочува дека и покрај метаморфозите предизвикани од дигиталната револуција, книгата не престанува да ги здружува луѓето, да ги урива границите во времето и просторот, да истрајува како светилник на надежта.

„За нас, на овие македонски простори, на кои се вкрстувале цивилизации и империи, книгата останала не само незаменлив монумент на меморијата туку и вектор на поврзувањето на вековите. И во оваа наша порака, не само за присет и слава на книгата, си дозволуваме и на повик за универзална мобилизација за продолжување на нејзината мисија. Свесни сме дека ниту еден друг воспитен и образовен инструмент, ниту телевизијата и другите медиуми, не можат да го заменат читањето на книгата “- истакна Старова во пораката.

Наградата за најчитан автор врз основа на показатели од јавни библиотеки, што ја доделува НУБ „Св.Климент Охридски“, оваа година му припадна на писателот и актер Игор Џамбазов.

„Оваа ми е една од најдрагите награди затоа што знам дека е добиена по пат на анкетирање на нормални луѓе. Луѓе што одат во библиотеки, изнајмуваат книги и замислете ги читаат “– рече Џамбазов.

УНЕСКО го одбележува Светскиот ден на книгата од 1995 година, а 23 април е избран зашто на тој датум во иста година (1616) починале двајца великани на светската литература – Шекспир и Сервантес.