Конференција во Белград посветена на феноменот на странските терористички борци

„Денес, балканските земји, како и многу земји во светот, се соочуваат со зголемен ризик, поради актуелизацијата на т.н. феномен – странски борци. Сложеноста и специфичноста на овој феномен, којшто ги поттикнува луѓето од регионот да се приклучат на терористчките и екстремни паравоени формации, ја наметнува потребата за негово откривање, за превземање соодветни превентивни активности и следствено на тоа – навремено следење на заканите од тероризам.“ Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето обраќање на конференцијата посветена на феноменот на странските терористички борци, тематски насловена како “Превенција на радикализмот и борба против тероризмот на Балканскиот регион“ што денес (29.04) се одржува во Белград, Србија, во организација на српското министерство за внатрешни работи и амбасадата на САД во Р. Србија.

Како што нагласи министерката Јанкулоска, согласно оперативните информации, од летото 2012 година регистрирано е учество и на 100-тина македонски државјани на боиштата во Сирија и Ирак, од кои до сега 15 и загинаа. Притоа, најмногу загрижува опасноста џихадистите по нивното враќање да бидат инволвирани во терористички активности во своите земји, во земјите на транзит или во трети земји, но загрижува и фактот што овие лица се инволвираат и во процесите на индоктринација, радикализација, регрутирање и испраќање нови борци.

„Соочени со овие безбедносни ризици, земјите од регионот, вклучувајќи ја и Р.Македонија постојано ги надградуваат своите нормативни и институционални капацитети и превземаат неопходните мерки за поголема контрола на границите, идентификација на потенцијални терористи и прекин на нивното финансирање.“, потенцираше Јанкулоска. Наедно министерката Јанкулоска презентираше низа институционални активности превземени во насока на превенција на ваквиот феномен почнувајќи од новите нормативни измени во Кривичниот закон согласно резолуциите на ОН, како и подготвеноста на македонското МВР за потесна и поинтензивна регионална соработка за сузбивање на овој нов феномен во борбата против тероризмот.

Инаку, предвидено е попладнево, на маргините на оваа конференција на која што присуствуваат министрите за внатрешни работи од земјите на Балканот, министерката Јанкулоска да има билатерални средби со српскиот министер за внатрешни работи д-р Ненад Стефановиќ, како и со заменикот министер за внатрешни работи на Р. Бугарија г-динот Филип Гунев.