Македонија е најбрзо растечка земја во Европа во туризмот

Македонија е една од најбрзо растечките држави во Европа во областа на туризмот. Ова е оценката на претставникот на Светската туристичка организација кој деновиве учествува на конференција на тема за развој на винскиот туризам. Ако се споредат статистичките податоци за 2014 година, со оние од минатото може да се видат извонредни резултати, вели Кристофер Ибзен, заменик-регионалниот директор на Светската туристичка организација, пренесува Лидер.

„Македонија е една од најбрзорастечките земји во Европа во областа на туризмот и приходите добиени од туризмот. Растежот во туризмот претставува прекрасна можност да се изложат прекрасните природни и културни богатства на Македонија, а квалитетните вина што ги произведувате само можат да придонесат за тоа. Светската туристичка организација стои позади вас и ве поддржуваа, Македонија има четири илјадна традиција на производство на вино. Истражував пред да дојдам тука и најдов податоци дека пред 2.300 години токму Александар Македонски за време на своите походи ги снабдувал своите трупи со вино од Тиквешкиот регион “истакна Кристофер Ибзен од Светската туристичка организација.

Зголемен бројот на туристите

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во февруари 2015 година изнесува 29 743, а бројот на ноќевањата изнесува 62 297. Бројот на туристите во февруари 2015 година, во однос на февруари 2014 година, е зголемен за 9.0%, а бројот на ноќевањата е зголемен за 2.8%. Бројот на домашните туристи во февруари 2015 година, во однос на февруари 2014 година, е намален за 11.6%, а бројот на странските туристи е зголемен за 23.5%.Бројот на ноќевањата на домашните туристи во февруари 2015 година, во однос на февруари 2014 година, е намален за 13.1%, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 16.0%.Во периодот јануари – февруари 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 7.6% и тоа: кај домашните туристи има намалување за 5.6%, а кај странските има зголемување за 18.2%. Во периодот јануари – февруари 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 1.7% и тоа: кај домашните туристи има намалување за 12.1%, а кај странските има зголемување за 15.0%.

Надвор се презентираат туристичките потенцијали, дома доаѓаат странски тур оператори

Не застануваат активностите на Агенцијата за поддршка и развој на туризмот за промоција на Македонија како интересна туристичка дестинација. Неодамна туристичките потенцијали се презентираа во Австрија, Русија, Бенелукс,Германија и останати земји. Од 13 до 18 април пет француски туроператори ја посетија Македонија на покана од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот. Позитивниот тренд на зголемувањето на бројот на француските туристи се очекува да продолжи и годинава, па не случајно нискобуџетната компанија Виз Ер го зголемува бројот на летовите од аеродормот Бове кон Скопје од 30 јуни, а исто така и воведување на нови летови од аеродромот од Мулуз Бал кон Охрид. Неодамна пристигнаа и туристи од Данска.

Македонија да изгради имиџ на препознатлива европска дестинација

„Во овој период успеавме да обезбедиме и зголемување на остварениот девизен прилив од туризмот што според податоците на НБРМ за 2014 година изнесува 136 милиони долари, а за првите три месеци од годинава девизниот прилив е зголемен за 18,5 проценти. Лани во туризмот се вложиле 2,3 проценти од вкупните инвестиции во земјава, а годинава се очекува растот на инвестициите да биде поголем за 10 отсто. Со овие бројки Македонија се наоѓа на седмо место на листата меѓу 184 земји од светот. Учеството на туризмот во македонското БДП во 2013 и 2014 година е 2,3 проценти, а се планира до 2020 година да достигне до 5 проценти. Визијата за туризмот на Република Македонија е да изгради имиџ на препознатлива европска дестинација базирана на културното и природното наследство, која ќе биде препознатлива по производите и услугите со предзнак на одржливост и висок квалитет. Затоа како Влада, со поддршка на приватниот сектор, креираме политики за развој на туризмот, вклучувајќи го и винскиот“, потенцира Беким Незири министер за економија.

Според последните податоци најбројни туристи се од Грција Србија Турција, Косово, Бугарија, Албанија.

500Turisti-vo-Skopje

Извор: zurnal.net