Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во врска со прашањето од пратеникот Ромео Тренов од ВМРО-ДПМНЕ кое се однесува за враќање во примена на Законот за старосно осигурување на земјоделците којшто бил во примена од 1978 до 1988 година и за решавање на проблемот на неколку десетици земјоделци рече дека е со цел да се регулира стажот на осигурување на земјоделците кои биле осигурани по овој Закон кој траел од 1978 до 1988 година.
„Вакви измени се направени во Законот за пензиско од 2012 година и практично одредбите важеле шест месеци, односно од 8 август 2012 до 8 февруари 2013 година. Со овие измени коишто ги има направено оваа Влада на Законот за пензиско решен е проблемот на 645 пензионери коишто го имаат регулирано стажот врз основа на овие одредби кои веќе престанале да важат и се стекнаа со право на пензија“, истакна тој.
Спасов посочи дека повеќепати особено во Струмичко имаат разговарано со земјоделците коишто имаат ваков проблем, односно бараат враќање на одредбите на чл. 259 од Законот за пензиско коишто траеле во периодот од август 2012 до февруари 2013 година. – Моментално во фаза на разгледување е детална информација која што влезе во владина процедура. Очекуваме комисиите на Влада, меѓутоа и Економскиот совет на Владата на РМ да ја разгледа оваа информација и да дефинира став, рече Спасов.
Појасни дека ова е сосема различно од новиот проект на Владата на РМ за којшто исто така во постапка се изработка на конкретни законски измени, проектот за откуп на стаж за работниците коишто во минатото работеле во компании коишто не им го платиле стажот, а повеќе не постојат, односно згаснале поради стечај, ликвидација или најразличен друг основ.
„Со овој проект право ќе имаат сите работници коишто работеле, а не им бил исплатен стажот по повластена стапка да можат да си го откупат стажот на рати и со тоа да се стекнат со услови за исполнување на старосна пензија и да обезбедат сигурна старост во иднина“, истакна министерот.
Во тој контекст додаде дека се работи за две различни мерки, меѓутоа во секој случај и за ова прашање кое што денес го поставивте би сакал да ве информирам дека имаме во соработка со МЗШВ изработено анализа која што е во владина процедура. – После разгледување од страна на сите владини комисии и Секретаријатот за законодавство би излегле со конкретен и дефинитивен став, рече Спасов.
На прашање од пратеникот Тренов за функционирањето на комисиите кои вршат конзилијарен преглед на граѓаните кои бараат да остварат помош и нега од трето лице – паричен надоместок од околу 4.700 денари рече дека со измените се воведе законски основ да се формираат комисии коишто ќе одат на терен и ќе вршат преглед на самите баратели во рамки на нивните домови.
„Такво право остваруваат околу 30.000 граѓани во Република Македонија. Измените на Законот кои се направени во август 2014 година беа во насока на отстранување на можностите за манипулација на самиот систем за остварување на ова парично право кое што треба да биде насочено за оние најранливите категории коишто се со инвалидност или одредена попреченост и за паричен надоместок којшто треба да им помогне во остварување на нивните потреби со оглед на поголемиот број на случаи коишто беа утврдени како резултат на постоечката поранешна постапка на остварување на ова право само со медицинска документација која што можеше да биде и од страна на матичен лекар во соработка со Министерството за здравство се воведе нова процедура за сите оние граѓани коишто бараат да остварат помош и нега од трето лице пред да го остварат правото да имаат обезбедено позитивен наод и мислење од тричлена конзилијарна комисија од тројца лекари во рамките на терцијарните здравствени установи, односно во рамките на клиниките во РМ со самите измени дефиниравме комисии да имаат практично во сите делови од РМ“рече Спасов.
Меѓутоа, како што додаде, со измените се дефинираше и процедура за оние лица коишто по првичната медицинска документација и сознанија се неподвижни се воведе законски основ да се формираат комисии коишто ќе одат на терен и ќе вршат преглед на самите баратели во рамки на нивните домови.
„За оние лица коишто бараат надоместок за помош и нега од трето лице, а само што излегле од болничко лекување со документацијата од болницата можат без конзилијарен преглед и мислење од комисија да остварат надоместок за помош и нега од трето лице, така да има неколку постапки во овој случај и сите комисии коишто се вклучени од клиниките во РМ се трудат максимално да ги завршат навреме прегледите, да извршат прегледи на сите баратели и во нивните домови и нема некој посериозен застој во однос на решавање на предметите“, рече Спасов.
Во контекст на тоа додаде дека интензивно ја следат состојбата со цел да не се предизвика одредена дестабилизација на системот, а и одредени барања да не чекаат подолг временски период.