Дел од говорот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев во Кавадарци.
Во Уставот пишува дека темелните вредности на уставниот поредок се основните слободи и права на човекот и на семејството. Темелна вредност е и владеењето на правото. Со Уставот се гарантира слобода на говорот, слобода на јавното изразување, тајност на комуникациите, честа и достоинството на секој граѓанин и на секое семејство.
Сето тоа што го пишува во Уставот, власта е должна да го чува. Наместо тоа, таа го има урнисано.
Зарем вака, кога знаеме сè, можеме да молчиме, да шепотиме и ништо да не превзимаме? Зарем не сме свесни дека сега сме сите сведоци на тоа што се случувало во Макеоднија? Денеска сите можеме да потврдиме колкаво зло и злосторничка банда владее во нашата земја.
Зарем не се прашуваме, ако не преземеме нешто, нема ли утре или задутре да не прашаат нашите деца и внуци што правевте, зарем не бевте сведоци, зошто молчевте? Што ќе им кажеме? Ќе можеме ли да продолжиме да живееме? Не, почитувани граѓани.
Ред е заедно со народот да ја завршиме работата. Заедно, рамо до рамо, без било какви предрасуди, партиски, етнички или верски, да застанеме и да си ја одбраниме државата од пропаѓање.
И затоа, во името на Уставот и законите, во името на се поголемото мнозинство граѓани во нашата земја, ве повикувам сите да го заштитиме Уставот и суверенитетот на Република Македонија.
Заедно да си ја спасиме нашата татковина.
Ја користам приликата да ве повикам сите, целиот наш народ, сите кои знаат дека е вистинско време за преземање чекори.
Ве повикувам, наш народе, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Роми, и Бошњаци, и Власи,
Ве повикувам сите, политички партии, здруженија на граѓани, земјоделци, работници, лекари, професори, наставници,
Ве повикувам, сите граѓани, на голем сенароден протест во недела, на 17-ти мај, во главниот град на Република Македонија.
Ве повикувам сите, под знамето на Македонија заедно за Македонија, за слобода на Македонија!
Да живее Република Македонија!“- истакна Заев.
Извор: www.sdsm.org.mk