Oтворен 27-от Саем на книгата

„Република Македонија е една од ретките земји во светот која со исклучително внимание ја поддржува издавачката и литературната дејност. Од 2008 година досега се издадени над 4.200 книги и изданија на македонски јазик и на јазикот на заедниците, а се откупени над 47.000 публикации со кои континуирано се збогатува библиотечниот фонд на институциите низ државава“ – истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во вечерашниот говор пред отворањето на 27. Саем на книгата.

Во Македонија, нагласи Канческа-Милевска, првпат се реализираат и голем број капитални проекти кои го унапредуваат книжевниот, творечкиот, преведувачкиот и издавачкиот амбиент, но и ги афирмираат македонската литература и творештво во меѓународни рамки. Во изминатиот период Министерството за култура издвои големи средства за проектите на приватните издавачки куќи, со особен акцент на поддршката за квалитетни дела од македонски автори, квалитетни преводи на светски бестселери, дела на добитници на престижни признанија и за издавање стручна литература која е од огромна полза во образовниот систем – нагласи министерката. Таа се осврна и на реализираните 130 тома македонска книжевност на македонски и на англиски јазик, Ѕвездите на светската книжевност, Преводот на дела на добитници на Нобеловата награда, Антологијата на светската поезија, Врвовите на светската филозофија, историја и психологија, Преводот на дела на добитници на други светски признанија, литературата за деца.

„Сиве овие активности и проекти од издавачката дејност што ги реализиравме или се во фаза на реализација, ги потврдуваат нашите заложби за афирмација и достапност на македонската литература на национално и на меѓународно ниво и побрза интеграција на македонската книжевност во светските современи текови, потенцираше Канческа-Милевска, нагласувајќи ја поддршката за континуираното присуство на Македонија на меѓународните саеми на книгата во Франкфурт, Лајпциг, Москва, Истанбул, Софија, Белград. Саемот на книгата, пак, со својата безмалку три­децениска традиција, се надоврза министерката, значително влијаеше врз нашата перцепција за важноста на книгата, успеа да ја пренесе суштинската порака на литературата, долговечноста и убавината на книжевноста, на делата на македонските автори и на авторите од целиот свет. ­Оваа манифестација, несомнено, укажа на неопходноста на книгата во поширокиот општествен контекст во насока на развивање и подигање на нивото на општата интелектуална култура во нашата средина како неопходен предуслов за секој вид напредок. – Саемот на книгата го зголеми интересот на читателската јавност за овој пишан медиум, ја интензивира комуникацијата меѓу читателите и авторите, а од друга страна овозможи издавачките куќи од Македонија и пошироко, да ја презентираат својата богата продукција на дела од сите жанрови“ – рече Канческа ­ Милевска.

018_saem_na_kniga