Жарко Кузмановски роден 1981 година од Брвеница Тетово, Ненад Серафимовски роден 1987 година од Зубовце Гостивар, припадник на Единицата за специјални задачи, Сашко Самојлоски роден 1982 година од Брвеница – Тетово, припадник на Единицата за брзо распоредување, И уште двајца припадници на специјалните единици се хероите кои денеска ги дадоа животите за Република Македонија, истакна на прес-конференција министеркта за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
„Во оваа прилика во мое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија сакам да им се поклонам и да им изразам сочуство на семејствата на овие патриоти кои вечно ќе ги паметиме.
Вечно ќе ја паметиме и храброста на останатите 30 тина припадници на специјалните единици кои беа повредени во денешната акција. Сите тие покажаа невидена воља и пожртвуваност во заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија, без разлика на нивната етничка припадност или вероисповест. Сите рамо до рамо се бореа против една исклучително опасна, терористичка групација која беше огромна закана по државните институции, но и по безбедноста на сите граѓани.
За жал шестмина од повредените колеги беа погодени од огнено оружје пред еден час, при чистењето на теренот, откако поголема група на терористи одлучи безусловно да се предаде. Тоа покажува колку безмислосни и одлучни во своите намери се овие радикални структури. Во моментов се уште трае операцијата на теренот и ќе продолжи се додека не сме сигурни дека и последниот терорист не не неутрализиран.“– рече Јанкулоска.
Министерството за внатрешни работи утринава отпочна акција за откривање и разбивање на поголема вооружена терористичка група, која според оперативните сознанија со кои што располага МВР, сакала да го искористи актуелниот политички момент и имала за цел да организира напади врз државни институции. Истата преку свои помагачи се имаше засолнето и утврдено во кумановската „Дива населба“.
„За колку сериозна група стануваше збор, говори фактот што членовите на истата пружаа жесток отпор скоро цели 16 часа. Тактички беа добро утврдени и ја напаѓаа полицијата со рачни фрлачи на гранати, бомби, автоматско оружје и снајпери.
Министерството за внатрешни работи одговори соодветно на заканите постапувајќи исклучително внимателно и вложувајќи огромни напори за да се спасат евентуални цивилни жртви.
Отпорот на поголемиот дел од групата беше совладан нешто после 18 часот и првата група од околу 20 лица ги напушти подрумите и упориштата во утврдените куќи и безусловно се предаде. Истите беа прифатени, фото и видео документирани како ги напуштаат објектите и префрлени за натамошна обработка. Во наредниов период со нив ќе бидат вршени службени разговори и од нив ќе бидат земени парафински ракавици.
Веднаш потоа единиците на терен продолжија да дејствуваат бидејќи постоеја информации дека во околните објекти е засолнета уште една група која одби безусловно да се предаде. После подолга размена на оган дел и од оваа група се предаде, но остатокот продолжи жестоко да ги напаѓа полициските специјалци. Токму во овие престрелки настрадаа нашите колеги и ситуацијата сеуште е ризична.“- додаде министерката Јанкулоска.