Соопштение на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија

Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ) со неизмерна тага ги прими вестите за загубените животи, повредувањето на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и за траумите кои ги преживеа локалното население во Куманово, како последица на кукавички и гнасен обид на мрачни сили, кои носени од само ним познати фрустрации и злоба посегнаа по безбедноста, слободата и соживотот на граѓаните на Македонија.

ПОПГМ им изразува најискрено сочувство на семејствата на загинатите херои на безбедностите сили на Република Македонија кои го дадоа највредното, своите животи за највозвишени цели – слободата и безбедноста на својата татковина.

Истакнуваме дека сегашната состојба бара од сите етнички заедници, политички субјекти и граѓани разумно, одмерено и заедничко делување во надминување на оваа безумна криза, како и недвосмислена подршка на безбедносните сили во понатамошно справување со истата се до потполно воспоставување на мир и стабилност во државата.

Ги повикуваме секој поединец и политички субјект, заради иднината на Република Македонија, да се сетат на своите одговорности и обврски и неодложно во своето идно постапување да се раководат примарно од општите и заеднички интереси на граѓаните на Македонија и да го докажат својот патриотизам и посветеност за Република Македонија со практично делување кое јасно ќе покаже дека граѓаните и општествените интереси им се поважни од личните.“- стои во соопштението.