Заев: Одговор должат, како дојдоа криминални групи во срцето на Куманово?

Претседател на СДСМ, Зоран Заев денес при неговата посета во Куманово, во изјава за медиумите истакна:

„Денеска причината за посетата на опозицијата, претставена од највисоко ниво, а овде се и претставниците на општина Куманово, градоначалникот, претседателот на Советот, пратениците и слично, дојдени сме од неколку причини.

Прво, да споделиме сочувство со сите оние граѓани коишто поминаа низ сите овие трауми, уште еднаш да изразиме сочувство за бранителите коишто ги изгубија животите, но секако на показ на јавноста да го покажеме сето ова кое што го гледате и преку вашите објективи, колку е уништено.

За уште еднаш да ги отвориме дилемите, како тоа тие криминални групи дојдоа во нашата земја и допреа овде во срцето на Куманово, кадешто живее цивилно мирољубиво население, народ кој што се бори да го подобри квалитетот на својот живот.

Граѓаните зборуваа денеска со нас и ни кажуваа дека полициските сили се однесувале многу внимателно и коректно со граѓаните. Навистина штетата мора да се поправи, на она што е материјална штета. Знам дека душевната болка, чувствата и траумите низ којшто поминаа нашите сограѓани овој ден додека се случуваа борбените дејствија никој не може да им ги надомести.

И уште еднаш само ќе потврдам, јас сум горд човек, горд граѓанин на оваа земја заради тоа што го имаме овој наш народ , којшто е единствен и сплотен и заедно беше овде на браникот на татковината после безбедносните сили на Македонија. Тоа уште еднаш потврдува дека нашиот народ без разлика на својата етничка припадност, без разлика на неговата верска определба тој е овде и има единствена цел, подобар живот подеднакво за сите нас коишто живееме во нашата Македонија.

Ги видов и малите деца исплашени, ми ја покажаа и куклата, детска играчка којашто секако е преокупација на децата каде и да се наоѓаат во светот. Оваа траума нека биде слика којашто ќе ја испрати пораката , да не се повтори никаде во светот па и во нашата Македонија. Оти овде живеат мирољубиви луѓе коишто заедно сите помогнаа, со безбедносните сили, да ситуацијата со оваа криминална група, којашто влегла длабоко во вториот по големина град во нашата земја, Куманово, да не ескалира и да не се изгубат и други човечки животи. Секако овие трауми и непоправливи штети, остануваат како симбол на времето коешто се случувало.

Сакам да изразам благодарност до граѓаните коишто се од оваа населба, благодарност до Општина Куманово, благодарност до безбедносните сили коишто водеа грижа исто така за цивилното население, но најголемата благодарност е секако за нашиот народ којшто трезвено и мудро го организираше прифаќањето на сите овие трауматични ситуации коишто се случија во нашата Македонија.“- истакна Заев.

Одговори на новинарски прашања

Медиуми: Господине Заев колку е ова монтиран случај…?

Заев: Од ова што го гледам, овде се воделе вооружени дејствија и апсолутно тие вооружени дејствија трагите ги оставиле. Да се остави навистина да не биде  прејудицирано дали Заев нешто сака да насочи, или не. Ова е многу чувствително и ова вистина мора да се види, истражните органи, стручните органи без мешање на политики внатре, кога било отворат вистината до крај. Мора да знаат сите дека штетите мора, барем материјалните, да се поправат, иако секако раните душевните не може никој не може да ги поправи.

Медиуми: Како ја коментирате седницата на Советот за безбедност и изјавата на претседателот Ѓорѓе Иванов?

Заев: Значи, еве вака ќе кажам. На Советот за безбедност не беше соопштено нешто ново и повеќе од тоа што е соопштено во јавноста. Најголем дел од прашањата коишто ги поставив како поканет лидер на опозицијата, добија одговор во суштина како тоа што го знае и јавноста, одговорите беа истрагата ќе покаже, а еден одговор беше лажен којшто ми го дадоа, не е важен толку за јавноста, но ќе се отвори и таа невистина којашто е кажана. Но едно знам. Знам дека тие што се одговорни за безбедносните сили во Република Македонија, а тоа се Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков можеле да направат многу повеќе за да ова не се случува. Ова е само уште една причина, оставките брзо да се поднесат во Македонија. И сите заедно веднаш да се зафатиме со организација на подобар живот за сите граѓани. Техничка или преодна влада којашто ќе ги нормализира условите со состав од сите етнички заедници во таа Влада, да подготви за 6 до 9 месеци предвремени парламентарни избори, на коишто после години, нашиот народ слободно фер и демократски ќе си ја каже својата волја како тоа ја гледа иднината на Македонија и како тоа сите заедно мораме да си ја вратиме во нормала нашата земја.

Медиуми: Слушнавме дека меѓународната заедница била известена, но не презела ништо?

Заев: Известени сме дека веќе 8 месеци се следи таа криминална група. Осум месеци биле под таргет на следење на нашите безбедносни служби, иако јас имам податоци дека тоа е повеќе од осум месеци. Но нека е осум месеци. Зошто дозволиле осум месеци луѓе обучени за борба, со толкава муниција, луѓе кои биле познати по своето криминално минато да влегуваат и излегуваат од Македонија, да дојдат дури во Куманово, во ова густо населено подрачје? Два месеца наназад, од вчера, биле информирани странски разузнавачки служби и од соседството и од Европската Унија и НАТО, кои немале конкретни сознанија за оваа работа. Овде е прашањето што направиле нашите безбедносни служби? Јас кажувам дека нашите безбедносни служби, полицијата, експертите, мешан состав од сите етнички заедници се професионалци и целосна доверба имаме во нив. Во политичарите кои ги водат тие безбедносни служби ние ја изгубивме довербата и затоа тие треба да понесат оставка.

Медиуми: Господине Заев која е таа терористичка група и дали имаат конкретни барања, може ли да ни кажете дали разговаравте со Иванов за ова?

Заев: Терористичката група е сочинета од имињата на они кои се објавени. Ги слушнавте, Ндрецај или командант НАТО, другиот командат Бег и сите други кои се соопштени од страна на полицијата. Тие луѓе биле под комплетна истрага согласно со тоа што е соопштено повеќе од осум месеци и властите знаеле дека хараат околу границата, дека влегле во населените места и слично. Тие можеле тоа да го спречат. Ако велат дека била добро осмислена полициската акција, на база на експерти и слично, зошто дозволиле ова да се случи? Зошто се загубени овие животи? Претседателот, кој се нарекува претседател Ѓорѓе Иванов не бил информиран за сериозноста на полициската акција којашто се случувала. Тоа е причината зошто тој заминал во Русија на парада, не бил информиран. А не мора да има закон или Устав за да биде информиран, тој е врховен командант и во соработка со УБК, Агенцијата за разузнавање и военото разузнавање, тој требал да знае и за намерите на полицијата и за тоа што е присутно во Македонија и да биде информиран за ова. Сето ова што го зборувам се само плус причина, оваа мака и мачнотија под којашто е Република Македонија конечно да прекине, оставка да поднесе Никола Груевски и да влеземе заедно, сите граѓани, сите политичари, да го организираме животот којшто го заслужуваат нашите граѓани. А тоа е живот со добра и перспективна иднина за сите, кадешто децата ќе ни останат овде, кадешто нема да ни бегаат надвор од земјата и заедно ќе ја споделуваат секојдневната среќа.

Медиуми: Ќе продолжите со бомбите и кога може да очекуваме бомба за “Монструм“?

Заев: Вечерва органите и телата на опозициските партии ќе носат одлуки. Јас ја ветив целата вистина пред граѓаните, без разлика дали се однесува нешто за името, за Смилковско езеро, за одредени други криминали и незаконски дејствија, ја ветив и таа вистина ќе биде до крај обелоденета согласно проценките на стручните комисии во СДСМ и другите опозициски партии. Ќе утврдиме кој ќе биде моментот на соопштување на доказите и аргументите. 17-ти мај се подготвува технички и организационо, целосно и со превозни средства и за амбиентот, на мирен и ненасилен протест. Но после сите одлуки на органите и телата, после информирањето од базата, утре ќе соопштиме дефинитивно дали остануваме дефинитивно на 17-ти со протестот. Но напоменувам, сите подготовки се во тек.

Медиуми: Господине Заев, повеќе од осум месеци оваа група се следела. Зошто дури сега е вршена акцијата?

Заев: Најверојатно, заради тоа што така се отворени сите работи во Република Македонија, `се е ставено на маса, целата вистина е отворена. Граѓаните знаат `се, знаат дека власта е криминална, кај нас власта функционира незаконски, власта немала чувство за своите граѓани, била во облаци. Не бегаме никој од одговорност, но направивме `се како опозиција преку институциите на системот криминалите на власта да ги отвориме, а за нив да дознае јавноста. Но опиеноста од власт на Никола Груевски и врхушката на власта е до таму да обидувајќи се да ги сочуваат своите фотељи, апсолутно создаде еден амбиент една ваква криминална група којашто е закана за целиот регион, не само за Македонија најде плодна почва и дојде овде да ги загрози животот, мирот, безбедноста и секако и имотите на граѓаните на Република Македонија.

Медиуми: Следната бомба дали ќе биде објавена на ист начин, после ова?

Заев: Најважна е целта кон којашто се стреми опозицијата, а со тоа и огромно мнозинство на народот, да го вратиме спокојот, да ја вратиме безбедноста, да ја вратиме сигурноста, да ја вратиме добрата иднина на нашата Македонија. `Се што ќе се стреми кон оваа цел ние ќе го направиме, коешто ќе биде од помош. `Се што ќе не одврати од оваа цел, на внимателен и одговорен начин ќе го органзираме заради тоа што народот на нас политичарите ни ја одржува секој ден лекцијата, секој ден треба да учиме од нашиот народ, еден и единствен, кога зборував дека како никогаш досега не бил вака единствен нашиот народ, луѓето ставаа прашалници. Еве го видовме единствен нашиот народ , овде се родители на деца, овде се наши дедовци, овде се луѓе кои се овде родени и сакаат своите деца и внуци да им растат овде, под ова небо во оваа земја. Ова е нивно, ова го граделе и треба целосно по заслуга, тоа што го заслужиле, политичарите, ние сите заедно тоа да им го овозможиме. Ова се кротки души, наш народ кој бара скромен и чесен живот, бара фер шанса за достоинствен живот за себе и за своите деца.


Извор: www.sdsm.org.mk