Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров денес одржа прес-конференција на која истакна:
„Зоран Заев е фатен жив. Цела македонска јавност вчера имаше можност да погледне едно видео објавено на youtube на кое јасно се гледа како Градоначалникот на Струмица, палејки цигара, директно, ладнокрвно и без задршка бара 200 000 евра мито за работа која по закон мора да ја заврши.
На видеото кое можевме да го видиме на youtube, Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, бара 100 000 евра за него, преку брат му Вице Заев и 100 000 евра за “за црквата”, за што некој може да претпостави дека е и шифра која се користи за да се побараат пари за неговата партија СДСМ.
200 000 евра побарани за мито видено директно од сите граѓани.
Зоран Заев вчера ја призна автентичноста и призна дека овој настан се случил што дава сериозна основа за понатамошните постапки кои треба да си ги превземат надлежните судски органи.
Да го погледнеме видеото во кое се гледаат неколку работи:
1.Деталните урбанистички планови во Струмица се носат кога сака Зоран Заев и по нарачка на бизнисмени, за кои очигледно потоа тие мораат да платат, покрај на државата и општината, и кај Зоран Заев и Вице Заев и мораат да платат во “црквата”, или можеби ако претпоставката е точна и во партијата.
2.Зоран Заев кажува дека тој ги определува цените, односно дека тој одлучува за цената. Цената што треба да се плати на општината може да биде, како што вика Зоран Заев, и 438 денари и 71 денар. Но, дрско и директно, тој кажува и дека како ќе одлучи тој така ќе биде и прашува дали да нацрта. Од видеото се гледа како Зоран Заев одлучувал цената да биде најниската, онаа од 71, за веројатно да може потоа да побара уште 2 евра како мито по квадрат за себе. Доколку цената била повисока, очигледно е дека имало бизнисмени кои би платиле и повеќе, но тие пари ќе завршеа во општината, а не кај Зоран Заев и Вице Заев.
3.Зоран Заев во видеото посочува дека вака постапувал и во други случаи. Или како што сам вика, ова е теркот за работа, не требало да црта. Не требало многу да говори. Други земјишта за кои слушнавме се, како што вика Зоран Заев: “земјиштето на краварнико”, “земјиштето зад на Мичо свињарнико”, “Градба”, а за земјиштето на “Жито Струмица” веќе биле ставени бројчиња, и дека со извесни Сашо и Ването тоа функционира. Истиот терк.
4.Зоран Заев, од она што сите го видовме од објавеното видео, кажува дека едно евро од квадрат, или 100 000 евра треба да му се дадат нему директно, а 100 000 евра да се дадат на “црквата” што може да е и шифра за партијата СДСМ.
5.И во видеото кажува дека не смее да говори, очигледно има нешто што треба да скрие.
6.Фрапантен е делот од видеото на кое се гледа и слуша дека парите треба да се дадат на брат му Вице Заев во некоја менувачница. Струмичани веднаш ќе препознаат за која менувачница станува збор.
7.Изгледа како снимката да е направена во канцеларијата на Зоран Заев во Општина Струмица.
Со оглед на сите факти, ВМРО-ДПМНЕ бара од истражните и судски органи да се посветат максимално, во транспарентна и законска постапка, да го расчистат овој случај.
Бараме надлежните истражни органи покрај овој еклатантен пример, да ги испита и сите други случаи кои се споменати во видеото. Бараме да се разгледаат купопродажбите, легализациите, урбанистичките планови за секое земјиште што се споменува во ова видео, без исклучок.
Очигледно е дека Зоран Заев вака работел, државните органи мораат да го проверат тоа.
Уште еднаш, бараме од Зоран Заев да си поднесе оставка од сите политички функции.
Бараме да си поднесе оставка од Претседател на СДСМ бидејќи од таа функција, очигледно, има можност да се заканува и да уценува сведоци, адвокати, обвинители и судии.
Бараме да си поднесе оставка од функцијата Градоначалник на Струмица за да не крие документи и докази и да не може да влијае на истрагата и на судскиот процес особено имајќи ги во предвид сите аспекти од документационо и архивско работење на Општината.
Дополнително, тој веќе нема кредибилитет да ја води Општината во моменти кога сите граѓани знаат дека нивниот градоначалник барал мито директно за себе, наместо да обезбеди повеќе пари за општината.
Зоран Заев денес мора да постапи онака како што тој бара од другите. Доколку не направи така, се што збореше до сега му паѓа во вода.
Зоран Заев повеќе нема кредибилитет да биде во политика.“- истакна Тодоров.