Заев: Нормализација е можна само со преодна влада

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денес во изјава за медиумите истакна:

„Денеска сме овде за да ги потврдиме нашите заложби за враќање на Македонија на патот на евроатланските интеграции, да ги потврдиме нашите заложби за враќање на демократијата во Република Македонија вклучително и правото на мирен протест.

Ова денеска не беше политички дијалог, иако се обидовме да воспоставиме рамка дали е возможен политички дијалог и тоа ќе продолжи во понеделник.

Ние денеска се согласивме за заедничка изјава којашто најверојатно ви е поделена, којашто ги потврдува сите заложби во процесот што во континуитет трае, а го води опозицијата – тоа е борбата за враќање на слободата, демократијата и европските вредности во нашата земја.

За изјавите од другите учесници кои денеска беа на средбата, во врска со ова, секако јавноста ќе цени.“– истакна Заев.

Медиуми: Рековте се согласивте за рамка во којашто ќе продолжи политичкиот дијалог…

Заев: Разговаравме дали може да се воспостави рамка. Не се воспостави денеска рамка.

Медиуми: Дали имаше некаков предлог од амбасадорите?

Заев: Не, амбасадорите беа овде да го помогнат процесот, секако претпоставувам кога се отвори темата за евентуална рамка за преговорите се на еден начин и гарант како пријатели на Македонија. Но, воопшто немавме исчекор во воспоставување на рамка.

Медиуми: Оптимисти ли сте дека може да се постигне договор за излез од кризата?

Заев: Во моментот не сум оптимист.

Медиуми: Имаше ли предлог на масата на којашто разговаравте?

Заев: Не, не. Зборувам за рамка, значи политички дијалог ако се отвори тогаш се отвораат и теми на преговори согласно барањата на опозицијата, барањата власт, на сите други активни чинители. Нашите барања се јасни и гласни но ние не дојдовме да разговараме за барањата. Барањата нe беа тема. Се правеа напори во еден конструктивен разговор да се воспостави рамка како би се преговарало доколку постои волја и желба од сите. Знаете дека и опозицијата јавно кажува дека негува доверба односно гледа излез низ дијалог но секако со присуство на меѓународните претставници како гарант. Но, притоа важат правила веќе.

Медиуми: Останувате на вашата политичка агенда или ќе отстапите во интерес на политичкиот дијалог?

Заев: Секако останува нашата политичка агенда. Таа е јасна и единствено можна во Македонија. Нормализација на работите во Република Македонија се единствено возможни по пат на преодна влада којашто ќе ја подготви нашата земја за фер, демократски и регуларни избори.

Медиуми: Како ги коментирате обвинувањата дека во недела спремате насилство на протестот?

Заев: Таман работа. Уште еднаш јавно повикувам, сите слободоумни граѓани да се приклучат на мирен и ненасилен протест, којшто со сите можни средства, аргументи и можности коишто ги има опозицијата, ќе го организира да биде мирен и ненасилен. Што значи тоа, ќе се обратат европски пратеници, нема да дозволиме никој да се срами. Сите наши активисти, ќе сликаат и снимаат со телефоните можен чекор за насилство. Ќе имаме тампон зона од млади активисти, помеѓу полицајците и сите оние коишто ќе протестираат и на протестот ќе има обраќање, нема да има директно соочување со полиција, со протестанти што се случува секој ден. Тоа е протест во којшто ќе има обраќање на многу луѓе. Така да најавуваме еден прекрасен протест, којшто за прв пат во Република Македонија ќе биде прекрасен заради тоа што ќе биде мултиетнички и заради тоа што ќе биде масовен каков што досега Македонија немала.

Медиуми: Ќе поднесете ли оставка по објавеното видео во коешто се гледа…

Заев: Јас вчера дадов изјава. Нека ја објават целата снимка, целата снимка, не да ја прекинуваат на 2 минути и 25 секунди. Штом ја објават целата снимка, ќе стане јасно дека апсолутно нема ниту индикации за поткуп. И знаете дека Заев го пријави обидот за поткуп.

Медиуми: А собраниска комисија да го истражи прислушувањето?

Заев: Како сите тие комисии што во минатото се формираа без никаква практичка реализација? Апсолутно не, комисија не ја решава политичката криза во Македонија.

Медиуми:: Имаме информации за опструкции на протестот, дека не можете да организирате автобуси за протестот…

Заев: Постојат повеќе начини на опструкции. Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и влијателни функционери од извршната власт се јавуваат на сопственици на превозните компании за да не ги отстапат превозните средства, по договори што се веќе постигнати за пари, а почнуваат да ги откажуваат. Одат од врата на врата да одвраќаат граѓани да не дојдат и неколку други видови на активности, пред `се преку поклопените медиуми коишто најавуваат дека протестот би бил насилен. Она што треба да го знаат граѓаните е дека ќе имаме мирен, ненасилен протест, масовен, невиден досега. Не се испушта историската шанса да се учествува во мултиетнички и масовен протест во организација на невладините организации, здруженија и опозициските партии во Македонија.

Медиуми: Имаше ли дискусија за преодна влада денеска?

Заев: Разговаравме денеска за рамка.

Медиуми: А што беше пречка да не се постигне договор…

Заев: Оставките треба да паднат, преодна влада треба да се случи. Колку пати досега сме преговарале и знаете кој е резултатот. Тоа е повеќе од јасно на целата наша јавност. После споделувањето на таа вистина, преку процесот Вистината за Македонија, јасно им е на сите како бел ден, меѓународната заедница е јасно поставена овде. Мислиме дека оваа мачнотија низ којашто поминува државата се решава со еден конкретен чекор. Но, да дадеме шанса и во понеделник да се видиме со присуство на меѓународните претставници, па да видиме што ќе се случи.

Медиуми: Дали ова беше успешна или неуспешна средба?

Заев: Денеска испративме слика дека сите веруваме во можноста да ја вратиме Македонија на евроатланските перспективи, дека постои сеуште можност да ја вратиме Македонија на демократските процеси. За тоа ќе е сигнал и овој ненасилен мирен протест што ќе се одржи. Ја испративме таа слика дека е возможно да се седне на маса. Но, истовремено денеска испраќаме слика дека опозицијата има нешто преку коешто не смее и нема да помине овој пат. Премногу е `се на маса и од овде враќање нема. Но, секако гледате после сите овие аудио снимки, после сите овие видео снимки, ние сме повторно и во Брисел и овде. Ние сме демократска партија и веруваме во дијалогот. Но апсолутно овој пат `се е јасно, прашање е на одлика на власта кога ќе ја тргне мачнотијата низ којашто поминува целата наша земја и граѓаните.

Медиуми: Ќе се вратите ли во Собранието?

Заев: Не. Враќање во Собранието ќе има ако треба да ги договориме следните чекори после оставката на Владата.

Извор: www.sdsm.org.mk