Пет годишно девојче од Сарај, вчера вдишала зрно грав и за кратко време почнала да се гуши. Според информациите на „Здравстви 24“ помодрено и во животозагрозувачка состојба било донесено на Клиниката за Уво нос и грло.
На Клиниката веднаш бил мобилизиран тимот за ендоскопија. Девојчето итно било внесено во сала каде според лекарите секунди биле во прашање за спасување на детскиот живот.
„Детето беше помодрено и во животозагрозувачка состојба. Самата интервенција се состои во тоа што со метална шипка се влегува во белите дробови и самата интервенција е од висок ризик. Значи секунди се во прашање дали таков случај ќе го изнесете жив од операциона сала. Но туѓото тело е отстрането и сега детето е во добра состојба, вели д-р Горан Мицевски шеф на операциони сали на Клиника за Уво, нос и грло“, пренесува „Здравство24“.
„Од анестезиолошки аспект беше понудена поддршка бидејќи вакви туѓи тела прават отежнување на виталните функции особено на респираторните. Тоа беше направено и детето е спасено“, вели д-р Ангелина Трајковска анестезиолог на Клиниката ОРЛ.
Мајката не знае како дошло до драматичната ситуација. Ќерката играла со другарчиња и после тоа почнала да се гуши. Прво ја однеле во поликлиниката во Ѓорче Петров од каде итно ги испратиле на клиника.
Извор: Нет Прес