Заев: Нашиот став е јасен, преодна Влада може да ги нормализира состојбите

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес во изјава за медиумите истакна:

„Имајќи предвид дека утре следува закажан состанок во Стразбур, договоривме наредна средба на 26-ти, во истиот термин.

Денеска, на маса беше ставен предлог на теми за разговор од страна на ДУИ. Секако, најавени се и теми за разговор од страна на СДСМ, од страна на ВМРО-ДПМНЕ, од страна на ДУИ и од страна на ДПА.

Не отворивме никакви разговори за самите теми, затоа што претходно мора да се решат одредени прашања, а тоа се принципиелност во самите предлози, рамноправност во учеството на сите во самите предлози и гаранција на сето она што ќе биде договорено.

Очигледно нема исчекор. Но, секако договоривме нов термин на 26-ти.“- истакна  Заев.

Одговори на новинарски прашања:

Медиуми: Господине Заев, не отстапувате од вашето барање за техничка влада?

Заев: Не сме дојдени до барањата на која било од страните коишто се присутни, а тоа се четирите најголеми политички субјекти во државата. Воопшто не сме дојдени да разговараме за барања на која било од четирите страни. Нашите барања се јасни. Не се отворени на овие средби барања, ниту наши ниту на кој било од присутните, сè уште се разговара за принципиелноста или за принципите при влез во евентуални преговори, рамноправноста на сите, во тие преговори, како гаранција за чесен пристап и фер однос на сите и апсолутно, гаранција за практично спроведување на тоа што евентуално би се договорило.

Медиуми: Договор за формирање на преодна влада па преговори или пак разговори за формирање на преодна влада?

Заев: Нашиот став е јасен, ние бараме преодна влада, термин којшто сам по себе е доволно широк и дава повеќе алтернативи за таа преодна влада, којашто може да биде технократска, експертска, може да биде и политичка. Но, не сме дошле воопшто да разговараме за овие наши барања или барања на која било страна. Ние го аргументираме нашето барање за преодна влада како независна институција, Влада во одреден период, за враќање на сите состојби во нормала и подготовка на Македонија за предвремени парламентарни избори.

Медиуми: Очекувате ли напредок од утрешната средба во Стразбур?

Заев: Не можам да кажам ништо. Ако има нови идеи од пратениците од Стразбур, од претставниците на ЕК, тогаш би можело да се случи напредок.

Медиуми: Утре попладне ли е средбата?

Заев: Да, утре попладне.

Медиуми: Имаше брифинг дека ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА настапуваат договорно, кои се нивните ставови?

Заев: Ако го соопштам тоа би навлегол во детали во она за што се разговара. Јас реков, бараме рамноправност, да бидат поставени принципите и апсолутно фер шанси за страните коишто влегуваат во евентуални преговори, доколку се отворат преговори.

Медиуми: Може ли да се усогласите, имајќи го предвид однесувањето на луѓето со кои седите на маса?

Заев: Ние сме демократска партија и реков дека покрај нашето искуство во делот на преговори, затоа што од на некој начин сме оштетени со сите тие снимки коишто излегоа, со телефонски разговори што се снимале со години, со прогласувањето на договорот за палома хартијата и она што се случи во пракса после преговорите за Изборниот закон, како демократска партија веруваме во дијалог. Веќе многу поискусни, бараме тоа што денеска ви го соопштувам, принципиелност, фер, рамноправен третман во преговорите и апсолутно, гаранција од меѓународниот фактор. Ако се влезе евентуално во преговори за секоја точка што ќе се договори мора да постои силна гаранција за нејзино практично реализирање.

Медиуми: Рековте повторно се среќавате. Зошто се среќавате повторно ако нема сигнали дека може да се доближите во разговорите?

Заев: Заради тоа што логично е да почекаме дали ќе има предлози од Стразбур. Второ, да дадеме шанса на дијалогот. Ние сме впрочем тука. Некои не прашуваат што барате вие, коишто толку пати сте излажани од власта, на преговори. Но, ние сме овде и од иста причина и на 26-ти и кога и да се закаже средба за дијалог ние ќе бидеме овде. Но, правилата мора да важат подеднакво за сите и правилата мора да доведат до гаранции за нивно практично реализирање. Мислам дека тоа од нас го очекуваат граѓаните. Ние сме само поединци коишто во ова време сме лидери на политички партии и нашата одговорност ја носиме пред оние што ги застапуваме.

vtoraliderskasredba

Извор: www.sdsm.org.mk