Американска корпорација од автомобилската индустрија официјално објави дека ќе отвори фабрика за производство на навлаки за седишта за автомобили во Македонија. Ќе почне како браунфилд инвестиција во Гостивар, а паралелно ќе работи на изградба на свој капацитет во тетовската индустриска зона.
Инвестицијата на американската „Лиер“, која почнува со реализација на својот проект во Македонија, ја најави премиерот Никола Груевски на партиски собир одржан во Тетово.
Министерот без ресор Веле Самак посочи дека преговорите траеја две години, одлуката ја донеле во декември минатата година, а Македонија ја избрале како своја дестинација во конкуренција со неколку земји од регионот.
Почнуваат со екипирање на менаџерскиот тим и првите планирани 300 лица за производствените активности во браунфилд инвестицијата во Гостивар кој се очекува да почне со работа по завршување на летото, а во капацитетот во Тетово, кој треба да биде завршен до средината на следната година, планираат над 2.000 вработувања.
„Ова е доста значаен проект на фирмата во Македонија особено во овој регион, бидејќи ќе овозможи нови работни места за млади и искусни луѓе особено од текстилната индустрија. Капацитетот во Македонија ќе шие навлаки за автомобили за многу познати брендови кои ќе се испорачуваат на европскиот пазар“, изјави Самак.
Посочи дека преговори за реализација на овој проект се водени во последните две години. – Со заеднички напори во овие две години успеавме да се избориме во конкуренција од неколку земји во регионот. Конкуренција имаше и во Македонија од четири различни града. Задоволни сме што, сепак, фирмата одлучи да инвестира во Македонија, рече Самак.
Тој додаде дека станува збор за најголем инвеститор досега во Македонија. Корпорацијата е огромна американска фирма со 18 милијарди долари годишен обрт. Има локации во над 30 земји и котира на Њујоршката берза.
Самак потенцира дека е водечка фирма во овој сектор и е доста позната по нивниот квалитет.
Потпретседателот на корпорацијата „Лиер“, Џени Ханли изразува задоволство што почнуваат да работат во Македонија. – Со континуираниот успех на „Лиер“ во вертикално интегрираните автомобилски системи за седишта и компоненти, задоволни сме да започнеме со работа на привремена локација во Македонија, со план за изградба на нова фабрика во таа област до средината на 2016 година, вели Ханли.
Потенцира дека ја ценат соработката на сите инволвирани во отворањето на првата фабрика на „Лиер “во Македонија.
„Во согласност со нашата позиција како светски лидер во луксуз и перформанси на автомобилски седишта, ја поздравуваме можноста за отворање на оваа нова фабрика со цел реализација на нашата секојдневна посветеност за квалитет и услуга на нашите клиенти“, вели Рафаел Гаглиарди, потпретседателот на „Лиер“ за европски операции за материјали за седишта.
Корпорацијата „Лиер“ го опслужува секој поголем производител на автомобили во светот и производите на „Лиер“ може да се најдат на повеќе од 300 називи на возила. Производите од светска класа на „Лиер“ се дизајнирани, конструирани и произведени од различни тимови на околу 132.000 вработени лоцирани во 34 земји. Седиштето на „Лиер“ се наоѓа во Саутфилд, Мичиген.