Грандиозното оперско дело „Кармина Бурана“ за старт на Охридско лето

Сензационалното, музичко и театарско, витално и енергично шоу, дизајнирано за пошироката публика, љубителите на музиката и изведувачките уметности, едно од најмаркантните музички дела на дваесеттиот век, – сценската кантата „Кармина бурана“ од германскиот композитор Карл Орф ќе го отвори јубилејното 55то издание на фестивалот Охридско лето.

Годинава на 12-ти јули на Античкиот театар, на денот кој е симбол за неповторлив настан, концерт на најславните и најуспешните светски уметници, грандиозениот мултимедијален проект, реализиран од страна на продукциската куќа “Ла Фура Делс Баус”, со сигурност ќе биде невиден спектакл и голема атракција за љубителите на музиката. Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на денешната прес-конференција го најави ексклузивниот настан со кој биде отворено годинашното јубилејно 55-тото издание на најреномираната музичко-сценска манифестација од областа на културата кај нас – фестивалот „Охридско лето“.

„Оваа година, на наше големо задоволство, фестивалот ќе биде свечено отворен со големиот музичко-сценски спектакл, „Кармина Бурана“ на Карл Орф, во изведба на светски познатиот ансамбл од Шпанија „Ла фура делс баус“. Оваа еминентна компанија која во својата тридецениска историја бележи стотици успешни настапи низ целиот свет и повеќе од 100.000 посетители, во 1992 година ги отвори Олимписките игри во Барселона, а стручната јавност и публиката со посебно внимание ги издвои настапите на овој ансамбл во Шпанија, Франција, Холандија, Соединетите Американски Држави. На сцената на Античкиот театар на отворањето на годинашното издание на „Охридско лето“, покрај еминентните актери и оперски солисти од Шпанија, ќе настапат и музичарите од Оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија. Уверена сум дека изведбата на кантатата „Кармина Бурана“ во која се применети нови мултимедијални технологии и која медиумите во светот ја оценија како необично уметничко патување ќе ја освои и стручната јавност и македонската публика“ ,рече Канческа- Милевска.

Канческа Милевска потенцира дека „Охридско лето” во изминатите педесет и пет години е мошне значаен амбасадор и афирматор на македонската култура дома и во светот. Како национална манифестација од областа на културата, како што рече Канческа –Милевска, низ квалитетните програмски содржини што ги понуди се наметна не само како една од најзначајните културни манифестации во Република Македонија, туку и како репрезентативен културен сегмент на најдоброто од нашата земја.

„Радува што фестивалот успеа да го одржи чекорот со европските и со светските културни текови, а со тоа и се вброи во елитата на најзначајните фестивали во светот. Потврда за тоа е и повеќе од 20 години членство во Асоцијацијата на европски фестивали и, секако, успешните контакти и признанија што ги добива оваа манифестација“, подвлече министерката за култура.

Директорката на Охридско лето, Елизабета Јанкуловска рече дека традицијата на успешни фестивалски изданија продолжува и во оваа јубилејна година.

„Голема е возбудата но и обврската да се реализира годинешново издание кое ја носи тежината на јубилејните 55 години. Фестивалската историја запиша вкупно 3937 настани од кои 1015 драмски и 2522 музички и над 400 настани во дополнителната програма. Ветивме дека сето тоа ќе го спакуваме во документарен филм кој ќе го прикаже патот на успешната приказна од далечната 1961 година кога првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ заедно со својот сопруг и неколку пријатели разгледувајќи ја црквата Света Софија запеа во прекрасната акустика на овој простор, па се до денес. Тоа го реализираме. Љубителите на уметноста ќе имаат прилика да го погледнат патот на успехот на најпрестижниот фестивал на филмско платно, да ја видат сцената која преставува собиралиште на најпознатите светски звезди, најголемите македонски уметници, најатрактивните театарски куќи“, рече Јанкуловска потенцирајќи дека моќните изведби на врвните уметници и квалитетните театарски проекти и годинава ќе бидат дел од деновите на 55-тото издание на Фестивалот.

Охридско лето, нагласи Јанкуловска, и годинава ќе го промовира културното наследство преку проектот „Охридско лето ви препорачува“, со што уметниците ќе имаат прилика да се запознаат со природните убавини но и да научат за значајните историски знаменитосии на градот.

Посебно внимание годинава е посветено на дизајнот на надворешниот принт од новиот простор на Охридско лето. Спојот на формата и бојата на тиркизно синиот дијамант, поврзани со основата на првото лого на Охридско лето од Кондовски, го отсликува најдоборото што го има Македонија.

„Преку синото небо и Охридско езеро враќајки се наназад се до првиот Статут на установата, каде што токму оваа боја била одбрана за прв дизајн на фестивалот, ја даваат симболиката на успешно опстојување 55 години но и потврда дека Охридско лето е најдоброто што го има Македонија“, рече Јанкуловска.

Што се однесува до дизајнот на маркетинг материјалите за 55-то издание на Охридско лето оваа година Адвертајзинг агенцијата ,,Интелекта медиа,, подготви решение преку кое типогравски е прикажан духот на фестивалот Охридско лето, различноста на артистите, перформансите, локациите и нивната поврзаност во една убава и смела целина.

„Исто така е искористена и буквата И која треба на интересен начин да го изнесе јубилејниот карактер на ова издание. Боите на дизајнот симболизираат локации кои фестивалот ги обојува со настани и перформанси“ рече Јанкуловска.

За годинешново издание директорката на Фестивалот ја најави мобилната апликација достапна на македонски и англиски јазик, настаните во живо на интернет и многу други бројни активности се со цел, како што рече, да имаме незаборавно фестивалско издание како што му доликува на еден ваков значаен јубилеј.

Традиционално од 12 јули до 20 август Охрид ќе биде една од културните престолнини на светот. Во 40-те фестивалски денови, на бројните сцени ќе се одржат преку 50 културни настани и богати уметнички содржини кои кај љубителите на музичката, театарската и другите видови уметност ќе предизвикаат огромен интерес.

 Селекторите на музичкиот и драмскиот дел на манифестацијата, Гордана Јосифова-Неделковска и Ѓорги Јолевски најавија богата јубилејна програма на фестивалот.

„И ако по ѕвездите се паметат фестивалските изданија, на ова јубилејно 55 издание ја вложивме цела наша енергија со желба да го имаме најголемото соѕвездие на славни уметници“, најави Јосифова-Неделковска.

Еден од симболите на Фестивалот – црквата „Св. Софија“, и оваа година ќе биде домаќин на најголемиот дел концерти во рамките на „Охридското лето“. На 14-ти јули во неа ќе се одржи солистичкиот концерт на реномираниот руски пијанист Андреј Коробеиников. . Преку неговата импресивна биографија може однапред да се предвиди дека овој концерт, со сигурност, ќе биде еден незаборавен настан. На 16-ти јули, настапува извонредниот руски пијанист,единствениот и неповторливиот – Николај Лугански а како кулминација во редот на пијанистите на овогодинешната пијанистичка елита го најавувам пијанистот кој што критиката го нарекува „еден од најголемите и најконтроверзните пијанисти на своето време“, Иво Погорелиќ. Уметникот кој ќе го затвори музичкиот дел на програмата на 55 издание, е најголемиот виолинист на денешницата, маестралниот, сензационалниот, легендата Максим Венгеров.

Во Античкиот театар, на 1-ви август најавуваме концерт, кој со сигурност ќе биде голема атракција на Фестивалот, виртуозниот српски виолинист Стефан Миленковиќ, повторно доаѓа во Македонија, но овој пат заедно со словенскиот хармоникаш Марко Хатлак, со кој го основале дуото „Танго компас“.На 8-ми август, пак, на сцената на Античкиот театар публиката повторно ќе има можност да го слушне извонредното дуо од Хрватска – „2 cellos“.

„Фестивалската публика, на 55от роденден на фестивалот ќе и понудиме уникатно доживување. На сцената на Античкиот театар на 4ти август, ќе се одржи и концертот на „Howard Gospel Choir“ кој што доаѓа од Универзитетот Ховард во Америка. Овој специфичен ансамбл е составен од професионални музичари, но и од пасионирани љубители на хорската музика, а, меѓу другото, низ своето музицирање многу често ги опфаќа темите за Исус Христос и христијанството. Досега настапувал во голем број земји во Соединетите Американски држави и Европа, меѓу кои Данска, Италија, Црна Гора, Словачка и Шведска,“ најави Јосифова Неделковска.

Изборот на драмската програма на овогодишното 55 јубилејно издание на Охридско лето ќе се обиде од една страна да ви претстави дел од најновите театарски продукции кои во минатата театарска сезона направија сензација на театарската сцена обидувајќи се да допрат до срцата на гледачите обработувајќи ги последиците од двете најголеми катастрфи на 20 век, првата и втората светска војна“, рече Јолевски.

Како што најави тој со претставата „ Неопланта “ според Ласло Вегел во режија на ислучителниот Андраш Урбан ќе се пренесеме во судбината на луѓето во градот Нови Сад кои ги приживуваат сите историски премрежија и системи од создавањето на градот до денес. Низ гротескната и траги-комична игра на перфектната актерска екипа ќе го видиме лудилото на војните и тажните човечки судбини.

Еден од најиграните современи драмски текстови за трагедијата на еврејскиот народ во втората светска војна е „ Нашиот клас “ од Тадеуш Слобоѓанек во режија на Ханан Снир, ко – продукцијата на „Камери театар“ и Националниот театар „Хабима“ од Тел Авив од Израел. Оваа потресна драма на еститичката и овоземската реалност го доведува гледачот до висок степен на емотивно празнење.

Претставата со која ќе го затвориме овогодишното издание на Охридско лето , “ Figurae veneris historiae “ од Горан Стефановски во режија на Александар Поповски. Македонскиот уметнички тим придужен од Кирил Џајковски, авторот на музиката, преку ансамблот на Словенско народно гледачишче – Драма , Љубљана од Словенија на фасцинантен начин, преку естетски бравури ќе не исправи пред прашањето дали човекот е спремен на остане Човек.

Дејан Пројковски се вбројува меѓу режисерите кои својата уметност ја делат со меѓународната јавност. Овој пат ќе ја видиме неговата поставка на „ Опасни врски “ според Лакло во продукција на познатиот ансамбл на театарот „ Комисаржевска“ од Санкт Петерсбург, Русија.

„Премиерите се бисер на драмската програма на Охридско лето и токму за тоа оваа година се одлучивме за четири исклучителни дела кои во овој момент се во фаза на подготовки. Народниот театар од Охрид ќе ни се претстави со “ Play Pinter “ според делата на Харолд Пинтер во режија на Нела Витошевиќ која полека но сигурно ја освојува меѓународната театарска сцена. Народниот театар од Битола со претставата „ Антоние и Клеопатра“ од Вилиам Шекспир во режија на американецот Џон Блондел кој битолскот театар со „ Хенри VI “ го однесе во Глоб театар во Лондон да ги собере ловориките за својата уметност“, рече Јолевски.

Претставата „ Слуга на двајца господари“ од Карло Голдони во режија на турскиот режисер Јуџен Ертен ќе спои две Национални куќи, турскиот и албанскиот народен театар од Скопје и со неколку балкански јазици ќе ни претстави еден духовит но и суров пластифициран свет во кој преку гротеската, иронијата и сарказмот ќе се вселиме во нашето секојдневие.

За прв пат оваа година во рамките на драмската програма на Охридско лето ќе се случат неколку претстави во програмата „ Младо театарско Охридско лето“. Оваа програма во својата закрила ќе ги земе и поддржува младите театарски дејци кои преку нови форми и лабараториско истражување се обидуваат театарската уметност да ја обезграничат во веќе постоечките театарски форми и нудат новости кои во нивната понатамошна работа ќе се развиваат и оформуваат. Оваа година во оваа програма ќе ги видиме претставите “ Со Љубовта шегување нема “ според текстви на Алфред де Мисе во режија на Софија Ристевска во продукција на Независен театар од Битола, Македонија. Претставата „ Делириум Тременс“ според Благоја Ристески – Платнар во режија на Игор Трпчески во продукција на „ Театарска Работилница“ , Прилеп, Македонија и Монотеатарската Опера „ Дневникот на лудиот“ од Николај Васиљевиќ Гогољ во режија на Марјан Нечак во продукција на Музички театар Битола, Македонија.

Оваа јубилејна година сите театарски претстави ќе се одиграат на отворено освојувајќи ги амбиенталните простори на веќе познатите охридски сцени и нови простори кои во иднина ќе станат дел од сцените на Охридско лето, рече Ѓорѓи Јолевски.

Ако се зборува за фестивалот „Охридско лето“ и неговото значење за градот Охрид, вистината е една , овој фестивал со светско реноме одамна станал препознатлив охридски но и македонски културен бренд смета охридскиот градоначалник Никола Бакрачески.

„Денес, Фестивалот Охридско Лето претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Р. Македонија. Тоа е манифестација со која на најдостоинствен и најрепрезентативен начин и Охрид и Република Македонија можат да се претстават во Светот. Токму затоа што “Охридско Лето“долги години во континуитет, културно не издигнува и промовира на меѓународен план и носи бројни гости кај нас, во исто време не прави бескрајно горди но и не обврзува да помагаме во креирањето на наредни успешни фестивалски изданија. Кај нас секогаш е присутна свеста за значењето на оваа врвна културна манифестација и во пресрет и исчекување на 55-то фестивалско издание можам да кажам дека и овој пат, општина Охрид, во рамки на своите ингеренции ќе даде максимална поддршка за негова успешна реализација. Врз основа на јавен повик за финансирање на програми и проекти од Јавен интерес, за годинешното издание на Охридско Лето од својот буџет Општина Охрид издвои 100. 000 денари. Секако дека и годинава ќе дадеме апсолутна техничка и логистичка поддршка во насока на уште едно успешно издание“, рече Бакрачески.