На првиот Македонско-Казахстански форум што се одржа минатата недела, во организација на Казахстанско- Македонското здружение и туристичката агенција Wellness- Holiday од Охрид, се разговараше и за продлабочување на соработката на двете земји во областа на туризмот. На форумот, потпретседателката на здружението Марјана Султанбекова, ја прочита пораката на градоначалникот Никола Бакрачески и ги покани учесниците да го посетат Охрид.
„Почитувани учесници на првиот Македонско- Казахтански форум посветен на соработката во областа на туризмот, најискрено Ви упатувам топли поздрави од древниот Охрид и Ви посакувам успешна работа.Овој голем и важен форум е нов поттик за продлабочување на соработката меѓу двете земји, а особено во туризмот кој е еден од најбрзо растечките бизнис сектори.
Република Македонија е чудесна земја, сместена во срцето на Балканскиот полуостров, позната по својата пребогата историја и традиција, земја која плени и привлекува со своите природни убавини и гостопримството. Во нашата чудесна Македонија , посебно место има древниот Охрид, за кого велат дека е македонското парче од рајот.
За Охрид се тврди дека е еден од единствените градови во светот каде над 7 илјади години има континуиран живот на човекот. Тоа го потврдуваат археолошкиоте остатоци од речиси сите цивилизации кои тука оставале траги и го составувале реткиот мозаик на овој вечен простор. Заедно со убавините на Охридското Езеро старо над 3 милиони години, кое се вредува меѓу трите најстари езера во светот, Охрид го прават единствен и затоа е на листатата на УНЕСКО, како заштитено културно и природно богатство од светско значење.
Охрид е центар на сесловенската писменост и култура, зошто Светите Климент и Наум, од овој град го продолжиле просветителското дело на Светите Кирил и Методиј. Токму во Охрид се отворил првиот сесловенски универзитет, за кого велат дека е постар од Болоњскиот и дека само тука имало 365 цркви, па неслучајно нашиот град се нарекува Балкански Ерусалим.
Сите што дошле во Охрид , зеле дел од убавата охридска приказна, ја понеле сосебе и таа ги тера повторно да дојдат и да го почуствуваат чудесниот спој на убавината, минатото и сегашноста. Како и генерациите пред нас и ние цврсто сме определени да оставиме свои траги, па затоа еден од врвните приоритети ни е да го промовираме Охрид и на многу луѓе од светот да им овозможиме да дојдат и да ги почуствуваат убавините на овој божествен простор.
Уверен сум дека оваа меѓународна конференција ќе ни помогне во остварувањето на нашите намери и дека ќе биде предизвик низ конструктивни дискусии и размена на идеи да ја продлабочуваме и унапредуваме востановената соработка меѓу Македонија и Казахстан“ – се вели во пораката на градоначалникот Бакрачески до учесниците на форумот.
Вечерта во градот Алмати во Казахстан, во рамките на форумот, на кој учествуваа македонскиот амбасадар Илија Псалтиров, потпретседателот на Казахстанско- Македонското здружение и директор на туристичката агенција Wellness- Holiday од Охрид Мирјана Султанбекова како и бројни учесници од бизнис секторот од двете земји, беше организирана презентација со пропаганден материјал за туристичките можности на Охрид и Република Македонија како и коктел со македонско вино и национални специјалитети.