Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес во изјава за медиумите изјави:
„Почитувани,
Првата работа што ја направивме, споделивме информација со г-динот Груевски со претседателите на ДУИ и ДПА, а и со амбасадорите кои се овде во функција на набљудувачи, tоа што се разговараше во Стразбур на состанокот помеѓу мене, господинот Груевски, комесарот Хан и тројцата пратеници.
Ги разговаравме деталите околу тоа што таму се разговарало и договоривме следниот состанок да биде на почетокот на идната седмица.“– изјави Заев.
Одговори на новинарски прашања:
Новинар: А што договаравте во Стразбур, можеме ли да ги слушнеме деталите?
Заев: Деталите оставаме секако Европската Унија преку своите претставници ги соопштува, така се договоривме. Зошто? За да дадеме шанса на успешност на процесот којшто би можел да почне, а тоа се преговори. Сеуште се разговара за рамката, за форматот, за еден куп детали, темите се номинираат, но никако не сме навлегле во деталите за да можеме да кажеме дека имаме отпочнато преговарачки процес. Секако, за да дадеме шанса, сите сме, се надевам искрено, со обид да имаме успешен преговарачки процес. Треба да оставиме Европската Унија да ги даде деталите во тоа што таа мисли дека може да го соопшти на јавноста.
Новинар: Има ли некаков исчекор во вашите ставови или промена во вашите ставови, после средбите во Стразбур?
Заев: Не, кога зборувам дека не сме навлегле во преговорите, тоа значи автоматски дека никоја од страните немала ни прилика да промени свои ставови или слично. Нашите ставови се јасни, често обелоденети во јавноста и секако остануваме на тие ставови.
Новинар: Господине Заев, рековте дека следната средба ќе се одвива во овој формат на почетокот на следната седмица. Дали може да се случи дотогаш уште еднаш да одите во Стразбур со господинот Груевски?
Заев: Не можеме да кажеме. Немаме информација дека може да се случи во Стразбур да одиме, почетокот на следната седмица е дефиниран, секако до крајот на неделата, ќе го прецизираме и точниот термин и точниот формат, кој ќе биде тука, ќе има меѓународен претставник, нема да има и сл. Но досега тоа што е договорено, тоа го објавуваме.
Новинар: Колку е точна информацијата дека после Стразбур има некаков нов документ?
Заев: Нема апсолутно никаков документ. Точно е дека се нотирани теми на разговори, коишто генерално се обврска на сите, како би ги нарекол, предност даваме на државата, сите остануваме за евроатланските интеграции, обврска на сите е менаџментот за евентуално појавување на меѓуетничка чувствителност во државата. Тоа се генералии, апсолутно и досега декларации, изјави и резолуции сме имале и на првата средба што ја имавме овде како политички лидери, така да, нема нешто посебно.
Новинар: Колку е добро да се држи во неизвесност јавноста, со оглед на тоа што се одолговлекуваат вашите преговори?
Заев: Една работа, обврска на сите е дека не смееме да си дозволиме одолговлекување разговори, преговори и слично, заради тоа што сите сме свесни колку политичката криза лошо влијае врз секојдневието на граѓаните, врз нашето стопанство и врз иднината на Република Македонија. Тоа е дополнителна обврска за сите партиципиенти во овие разговори што се случуваат, да бидат во функција на убрзување на изнаоѓање решенија за кризата.
Новинар: …Има ли оптимизам?
Заев: Не можам да кажам сеуште, од проста причина што немаме навлезено во преговори. Има решенија коишто би биле можни и брзи, но не зависат само од опозицијата, така да, дај Боже да ја изненадиме јавноста со брзи решенија коишто зависат од сите, од никој поединец посебно, туку заедно од сите, што директно ќе ја олабави атмосферата во Македонија, доволно во општеството да се случуваат за нормалните текови, секој согласно своите позиции во општеството.
Новинар: Продолжува мораториумот за објавување на прислушуваните разговори?
Заев: Немало никогаш мораториум.
Новинар: Добро ги ставивте во мирување.
Заев: Не, не. Ни дадовме шанса на протестните активности, да го насочиме вниманието тука. Испраќаме многу сериозни пораки за нас како опозиција, и до домашната и до меѓународната јавност, но најавивме, утре или задутре, претпоставувам утре, ќе продолжиме со објавување.
Новинар: Од каде, пред Влада?
Заев: Пред Влада, да.
Новинар: Мислите ли на Влада на национално единство кога рековте дека има брзи решенија, но треба сите да се усогласите евентуално?
Заев: Оставки да паднат. Оставки ако паднат ќе ја олабават атмосферата на сите главни чинители во општеството, но да не прејудицираме што било, тоа е во делот што ние го бараме. Покрај оставките, преодна влада, оставки на обвинители, прашањето за МРТВ и слично, ги знаете нашите ставови. Еве тоа не е во функција на откривање на нешто што е разговарано, но секако тоа се наши ставови и заради тоа имаме легитимно право да веруваме дека со одредени исчекори може да се олабават процесите, а притоа да имаме сериозни заклучоци од сериозен преговарачки процес, којшто нема да бидат исполнување на некакви очекувања или барања, туку ќе бидат пред се во интересите на Република Македонија.
Новинар: Дали се знае за следниот состанок што го договоривте за што ќе разговарате?
Заев: Од прилика продолжуваме тука кадешто застанавме. Ако ви ги кажам деталите, е одговор на претходното прашање.
Новинар: Груевски… оставка…?
Заев: Не гледам сеуште индикации дека ќе даде, и зошто – ние не сме навлегле во преговарачкиот процес. Преговарачкиот процес ги отвора тие можности. Ние сеуште разговараме.
Извор: www.sdsm.org.mk