ДЗС: Најголем број на новосоздадени, но и на згаснати претпријатија во секторот трговија

Новосоздадени претпријатија, 2009-2013 година

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2009 година, 17.2% од активните претпријатија во Република Македонија чијашто главна дејност според Националната класификација на дејностите – НКД Рев.2 припаѓа во секторите на дејност од B/Б до S/О (секторите A/А, O/Љ, T/П и U/Р и класата 64.20 се исклучени), се новосоздадени претпријатија, во 2010 година тој број изнесува 16.2%, во 2011 година 12.9%, во 2012 година 11.9% и во 2013 година 10.0%.

Згаснати претпријатија, 2009-2011 година

Во поглед на згаснатите претпријатија, податоците покажуваат дека во 2009 година, вкупниот број на згаснати претпријатија чијашто главна дејност според Националната класификација на дејностите – НКД Рев.2 припаѓа во секторите на дејност од B/Б до S/О (секторите A/А, O/Љ, T/П и U/Р и класата 64.20 се исклучени), изнесува 12.0% од вкупниот број на активни претпријатија во наведените сектори, во 2010 година 13.7% и во 2011 година 9.3%.

Гледано по сектори на дејност, податоците покажуваат дека најголем број на новосоздадени, но и на згаснати претпријатија има во секторот “Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли”.

Податоците за структурата на новосоздадените и згаснатите претпријатија, според правната форма, покажуваат
дека најголемо учество имаат претпријатијата кои се категоризираат во групата друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.

Новосоздадени претпријатија 2009-2012 кои преживеале во 2013 година

Од вкупниот број на новосоздадени претпријатија во 2009 година, 49.9% преживеале во 2013 година. Најголема стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија чијашто главна дејност, според Националната класификација на дејностите-НКД Рев.2 , припаѓа во секторите на дејност Q/H “Дејности на здравствена и социјална заштита” (82.5%) и D/Г “Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација” (69.6%). Во 2013 година преживеале 44.6% од новосоздадените претпријатија во 2010 година, 58.8% од новосоздадените во 2011 година и 64.9% од 2012.

Најстабилни, т.е. со најголема стапка на преживување во 2010 и 2011 година се новосоздадените претпријатија чијашто главна дејност според Националната класификација на дејностите – НКД Рев.2 припаѓа во секторот на дејност Q/H “Дејности на здравствена и социјална заштита”, а кај новосоздадените претпријатија во 2012, во секторот на дејност “Финансиски дејности и дејности на осигурување” (без класа 64.20).