Средба во Охрид посветена на миграциската криза

„Министерството за внатрешни работи како еден од столбовите на националниот систем на Интегрирано гранично управување и еден од носителите на креирањето и имплементацијата на миграциските политики во Република Македонија во изминатите години внимателно ги следеше миграциските трендови во регионот и пошироко. Во такви услови, во соработка со другите надлежни државни институции планиравме и преземавме соодветни мерки и активности со цел соодветно справување со состојбата, а пред се за заштита на животот и здравјето на мигрантите, заштита на националната и јавната безбедност и заштита на јавното здравје, а особено во насока на сузбивањето на криумчарењето на мигранти и трговијата со луѓе.“ Ова меѓу другото го истакна министерот за внатрешни работи м-р Митко Чавков на денешната средба во Охрид со министрите за внатрешни работи на Австрија и Србија, г-ѓа Јохана Микл-Лаитнер и Небојша Стефановиќ, како и претставникот на унгарското МВР г-ѓа Кристина Берта (заменик државен секретар) на која беше поптишан Меморандумот за разбирање посветен за чекорите кои се неопходни за задржување на вонредниот притисок на мешана миграција која ги засега овие земји.

Посочувајќи ги низата мерки што од страна на МВР, но и на меѓуинституционално ниво беа превземни во изминатиот период, а во насока на хуман третман и безбедно прифаќање и транзитирање на мигрантите низ нашата земја, министерот Чавков нагласи дека сепак се работи за транснационална појава и која ќе потрае и во иднина. “ Во такви услови, колку и да е ефикасен на одреден период, ниту еден пристап не може да бидат целосно успешен доколку има само национален карактер и не е координиран на регионално ниво, па и пошироко“, истакна министерот Чавков

„Начинот на кој во моментов Р. Македонија се справува со овој предизвик чини многу пари и е од национален карактер. УНХЦР, ИОМ, Црвениот крст, домашните невладини организации даваат значителна помош во згрижувањето на мигрантите и во обезбедувањето хуманитарна и медицинска помош, но како држава сме оставени сами да се справуваме со состојба настаната не по наша вина и од регионален аспект, предизвикана на делот од државната граница со држава – членка на ЕУ. За успешно долгорочно справување со оваа состојба неопходно е итно синхронизирање на националните и планирање и преземање на заеднички чекори на сите засегнати земји од регионот“, додаде министерот Чавков.

Австриската министерка г-ѓа Микл-Лаитнер изјави дека неспорна е потребата од заеднички настап на сите земји и вложување на максимални напори за решавање на проблемот со бегалската криза, притоа изразувајќи задоволство од досегашните превземени мерки од страна на Република Македонија за справување со кризата и максимален придонес во помагањето на ЕУ.

Од своја страна пак српскиот министер за внатрешни работи Стефановиќ потенцираше дека е неопходно ЕУ да изнајде план за прифат на мигрантите, а Меморандумот што денес беше потпишан, е еден чекор повеќе во решавање на трауматичниот пораст на бројот на мигранти, којшто според Стефановиќ, по однос на транзитот низ неговата земја досега изнесувал над 115 илјади мигранти.

Инаку Меморандумот за разбирање меѓу полициите на Македонија, Австрија, Србија и Унгарија тргнувајќи токму од потребата за заеднички настап по однос на кризата и нејзиниот натамошен развој, отвора нови можности за конкретна оперативна и друга соработка на полициите на земјите потписнички.

mvr_viena_g111