„Да се има брат е вистинско богатство, а да се има сестра уште поголемо“ е пораката што вчера актерите на Патувачкиот театар од Вевчани на еден спектакуларен начин ја пратија на најмладата публика во Кочани.
Театарската претстава „Јованче и Марика“ во режија на Душко Кукоски се натпреварува во официјална конкуренција на 51 издание на ДАФ – Кочани кој свечано беше отворен на 25-ти мај, а трае до 30-ти Мај. Вистинско воодушевување за публиката беа најмладите членови на Патувачкиот театар, Давор Бетоски и Ева Костојчиноска во улогите на Јованче и Марика. Младата Зорица Мурџеска го толкуваше ликот на зајачето, а веќе потврдените актери на театарската сцена во Вевчани: Славе Бебекоски, Наташа Ташкова и Стефан Попаѓиноски ги толкуваа ликовите на таткото, вештерката и гавранот.
Претставата изобилува со многу музика што специјално за овој проект ја направи Перо Пешиноски, а за техничка реализација на претставата се погрижија Кирил Бебекоски и Томе Шутиноски. Патувачкиот театар „Поклони се и падни“ работи во рамките на Здружението – КУД „Дримкол“ од Вевчани.