Новиот селектор на А репрезентацијата на Македонија, Љубинко Друловиќ го соопшти списокот на фудбалери на кои ќе смета за претстојниот квалификациски натпревар против Словачка на 14 Јуни во Жилина.
За натпреварот од квалификациите за Европското Првенство во Франција 2016 Друловиќ ги повика следните фудбалери:
Голмани: Томе Пачовски (Вардар), Филип Гачевски (Брегалница), Столе Димитриевски (Гранада 2)
Одбрана: Ванче Шиков (Австрија Виена), Владимир Димитровски (Керкира), Даниел Мојсов (Лирс), Александар Тодоровски (Заглебие), Кире Ристевски (Тирана), Стефан Ристовски (Латина), Езџан Алиоски (Шафхаузен), Жута Леонард (Хакен)
Среден ред: Аријан Адеми (Динамо Загреб), Стефан Спировски (Вардар), Остоја Степјановиќ (Висла Краков), Душко Трајчевски (Работнички), Александар Трајковски (Зулте Варегем), Бесарт Абдурахими (Локерен), Ферхан Хасани (Брондби), Муарем Муарем (Карабах), Агим Ибраими (Марибор)
Напад: Мирко Ивановски (Видеотон), Крсте Велкоски (Сараево), Јован Костовски (Леувен).
Селекторот Друловиќ по објавувањето на списокот на повикани фудбалери за квалификацискиот натпревар против Словачка нагласи дека во овој момент им дава доверба на играчите кои се во натпреварувачка форма, заслужуваат да бидат на списокот репрезентативци и можат да одиграат добар натпревар во Жилина против првопласираниот тим на Словачка во квалификациите за пласман на Европското првенство.
„Наша задача е да направиме добра база во репрезентацијата со играчи кои освен фудбалски, поседуваат и карактерно добри особини. Сметаме дека ова се играчите кои во овој момент се во добра натпреварувачка форма и заслужуваат да се најдат на списокот репрезентативци. Мислам дека можеме да одиграме добар натпревар против Словачка.По серијата лоши резултати мораме да ја вратиме довербата кај македонската јавност. Ќе се обидеме на најдобар начин да ја претставиме нашата репрезентација против Словачка. Се надевам дека со квалитетни подготовки и максимално залагање можеме да одиграме за поволен резултат. Тимски мораме да бидеме силни, за мене тоа е најважно. Во тимот повикавме фудбалери кои се релативно млади, но играчки се зрели. Тоа се играчи кои треба да го сочинуваат костурот на оваа репрезентација. Имаме цел да направиме добра база, без преголемо ширење на списокот. Играчите мораат да бидат професионалци во вистинска смисла на зборот, а не само добри фудбалери“. – вели Друловиќ.
Покрај Игор Ангеловски, Арѓент Беќири и Луис Диого Кампош во стручниот штаб на репрезентацијата ќе биде вклучен и поранешниот голман на Ајнтрахт Франкфурт, Ока Николов.
„Ока Николов е име кое може многу да допринесе во работата со голманите. Имам огромна доверба во него, исто како и во останатите мои соработници“, – рече Друловиќ.
Селекторот Љубинко Друловиќ верува дека Горан Пандев ќе се врати во натпреварувачка форма во дресот на Џенова во Серија А, a веќе од септември ќе се врати и во националниот дрес.
„Разговарав со Пандев за враќање во селекцијата. Горан имаше тешка сезона во Турција, во овој момент не е подготвен да се врати во националниот тим. Ќе разговараме повторно кога ќе започне новата сезона и кога ќе се врати во Италија во Џенова и се надевам дека од септември повторно ќе го имаме на располагање, Пандев ни значи многу и неговото присуство би било од огромно значење“, – изјави Љубинко Друловиќ.