Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, денес оствари работна средба со Министерот за животна средина и просторно планирање во Владата на Р. Македонија, Нурхан Изаири.
На средбата беше подвлечено дека реконструкцијата и доградбата на колекторскиот систем е врвен приорите со оглед на тоа што сегашниот колекторски систем е преоптоварен и во одредени периоди од годината не работи со полн капацитет.
Министерот Изаири особен интерес покажа за состојбата на канализационата мрежа во Охрид при што беше истакната неопходноста од раздвојување на атмосферската од фекалната канализација.
На состанокот стана збор и за можностите со владина помош да се реализира проектот за изградба на канализациона мрежа и пречистителна станица во с. Трпејца , проект кој е изработен и ревидиран од општина Охрид.
Градоначалникот Бакрачески и министерот Изаири разменија мислења и околу постоечката законска регулатива во делот на легализација на градби крај езерото како и за постапките за донесување на урбанистички планови.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, истакна дека општина Охрид ќе ја добие поддршката од ресорното министерство кога станува збор за решавање на проблеми и реализација на проекти од заеднички интерес.