Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, придружувана од Виктор Габер, член на Комисијата за надворешни работи, денеска се сретна со Алојз Петерле, ко-претседавач на мешовитиот парламентарен комитет меѓу Република Македонија и Европска Унија.
Главните теми на разговорот беа можностите за решавање на политичката криза во Македонија, начините за враќање на демократски институционален систем во државата како и владеењето на правото.
Заменик претседателката Шекеринска го информираше ко-претседавачот Петерле за причините коишто ја доведоа земјава во тешката политичка и државна криза.
-Неопходно е одделување на државата од партијата, преку формирање преодна влада, чијашто цел ќе биде нормализација на Македонија и создавање услови за одржување слободни, фер и демократски избори, рече заменик претседателката Шекеринска.
Заменик претседателката на СДСМ соопшти дека на големиот натпартиски граѓански протест што се одржа на 17-ти мај, граѓаните во Македонија ја испратија пораката дека се обединети и единствени околу идејата за враќање на слободата и демократијата во државата.