Издадена 14. емисија обврзници за денационализација

Државата денес ја емитуваше 14. емисија обврзници за денационализација во износ од 9.500.000 евра.

Министерството за финансии информира дека со 14. емисија се опфатени сите правосилни решенија за денационализација од 1 февруари 2014 година до 31 јануари 2015 година, за кои како надомест се доделени обврзници.

Централниот депозитар за хартии од вредност ќе им достави на сопствениците на обврзниците известување за личниот износ на емитувани обврзници, на домашна адреса.

Тргувањето со обврзниците за денационализација се врши на Македонска берза АД Скопје, со посредство на брокерските куќи и банките – членки на Македонската берза.

Пред рокот за нивното достасување, граѓаните може да ги користат обврзниците за денационализација за отплата на становите во општествена сопственост.

Досега се издадени четиринаесет емисии обврзници за денационализација, со вкупна вредност од 333,5 милиони евра.

Извор: МИА