Охрид домаќин на меѓународна научна конференција за безбедност

Денес во Охрид свечено ќе биде отворена Меѓународната научна конференција во организација на Факултетот за безбедност-Скопје.

На научниот собир ќе учествуваат над 130 професори и научни работници од 15 земји и тоа: Италија, Руската федерација, Унгарија, Португалија, Чешка, Украина, Шведска, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија,Црна Гора, Република Српска, Босна и Херцеговина и од Република Македонија.

Конференцијата во присуство на претставници од државните институции во земјата ќе ја отворат Ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски„ проф. д-р Златко Жоглев и Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Оливер Бачановиќ.

По свеченото отворање ќе следуваат неколку главни предавања и презентации кои се очекува да ја опфатат безбедноста како предмет на истражување, безбедносната соработка и отворат меѓу другото за актуелни теми и проблеми од безбедноста и дефинирање на пристапите, концептите и политиките за безбедност во иднина.

Научната конференција во Охрид 2015 низ дебата ќе треба да даде одговори на прашањата што предизвикуваат интерес во научната и општествената јавност.  

„Кога зборуваме за безбедноста на национален или на глобален план, таа својот современ концепт и основни контури ги доби по паѓањето на Берлинскиот ѕид, односно после Студената војна. Терористичките напади од 11 септември 2001 означуваат нова ера во студиите и практиката на безбедноста.

Глобализацијата и процесите што доведоа до промена во структурата на светската моќ и сила условија појавите што ја загрозуваат безбедноста се согледуваат како предизвици, ризици и закани. Централниот интерес на поимот безбедност е државата, која може да е загрозена од внатрешните потреси, економските и општествените нарушувања, особено во заедниците што имаат недостаток на чувство на загрозеност на идентитетот и социјалната кохезија.

За таа цел Факултетот за безбедност по шестти пат ја продолжи ориентацијата со организирање на меѓународни конференции во областа на безбедноста преку што дава придонес во развојот на научната мисла, а на носителите на одлуки на регионално, национално и локално ниво им помага, со помош на сознанијата и истражувачките резултати, побрзо, поедноставно и навремено да ги надминат практичните проблеми со кои се соочуваат.“– велат организаторите.