Прием на младите македонски каратисти во Агенцијата за млади и спорт

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска оствари средба со членовите на македонската карате репрезентација за деца од 11-14 години, кои остварија одлични резултати и освоија 22 медали на неодамна одржаното Балканско првенство во Херцег Нови, Црна Гора.

„Карате спортот е во голем подем и има голем потенцијал, за што говорат и резултатите. Имено, во последниве неколку години имаме неколку европски шампиони и вице-шампиони во повеќе категории и во машка и женска конкуренција, со што карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава. Тоа се докажа и на ова Балканско првенство. Со овој огромен успех, македонското карате продолжува да ги испишува светлите страници во својата спортска историја“, – истакна Спасески и им порача на младите каратисти да продолжат со напорна работа и да ги достигнат успесите на нашите сениори Наташа Илиевска, Иво Цветковски, Жарко Арсовски, Ардита Исени, Огнен Груевски, Берат Јакупи, Мартин Несторовски и европскиот шампион во сениорска конкуренција Емил Павлов.

Спасески успехот им го честиташе на тренерите и целокупниот стручен штаб на карате репрезентацијата и рече дека Агенцијата за млади и спорт и понатаму финансиски и логистички ќе го поддржува овој спортот во државата.

„Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, Националното спортско признание – Спортска пензија, со што им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена“, – нагласи директорот на АМС.

Македонија на Балканското првенство кое се одржа од 29 до 31 мај освои 6 златни, 3 сребрени и 13 бронзени медали и во конкуренција на 11 земји со околу 900 натпреварувачи го освои второто место, зад Турција, а пред Србија, Босна и Херцеговина…

Нашата репрезентација учествуваше во сите категории во кати и борби и во машка и во женска конкуренција.