Нови 32 наслова од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ беа промовирани денеска, со што вкупниот број преведени и отпечатени книги од овој капитален проект на Владата достигна 442.
Меѓу новите наслови некои првпат добиваат превод на македонски јазик, како ремек-делото на светската книжевност „Гаргантуа и Пантагруел“ на Франсоа Рабле, некои наслови со оваа серија се комплетирани во томови, како „Војна и мир“ на Толстој и „Човек без својства“ на Мусил, објавени се и Исповедите на свети Августин, индискиот еп „Рамајана“, поезија од хеленски автори, драми на Тенеси Вилијамс, романи од Флобер, Балзак, Дикенс, Фокнер, Амадо, автобиографијата на Елијас Канети…
„Пред нас имаме дела на врвни автори. Нивна заедничка карактеристика е што сите тие веќе го имаат поминато жирито на светската читателска критика и се имаат промовирано како врвни мајсторски дела. Нивната големина е вечна инспирација за многу љубители на книгата ширум светот и токму затоа овие дела се вечно барани во секоја развиена земја во светот. Од овие причини, овие дела се дел и од нашиот проект“, рече премиерот Никола Груевски на новата промоција од проектот.
Тој посочи дека податокот што првпат се објавуваат на македонски јазик дела кои се објавени и пред 500 години, како што е енциклопедискиот роман на Рабле, зборува дека македонската култура има пропуштено многу важни нешта.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека во изминатите неколку години значајно е унапредена состојбата во издавачката дејност, поттикнато е творештвото, подобрен е статусот на авторот и е збогатен библиотечниот фонд во целата држава. Покрај овој книжевен проект, Владата и Министерството ги реализираат и проектите Нобеловци, 130 тома македонска книжевност, едиција која е преведена на англиски и на уште шест јазици низ антологиски приказ, „Врвови на светската филозофија, историја и психологија“…
„Од 2006 година до денеска со поддршка на Министерството за култура се објавени преку 4.200 разновидни изданија на македонски јазик и на јазикот на заедниците кои егзистираат во нашата држава, списанија, публикации наменети за лица со посебни потреби… Откупени се над 47.000 публикации со кои се збогати библиотечниот фонд на институциите низ државата…., а со новата стимулативна мерка Конкурс за странски издавачи до крајот на оваа година ќе бидат преведени 40 дела на 30 македонски автори на 16 странски јазици. Сите овие активности го унапредуваат книжевниот, творечкиот, преведувачкиот и издавачкиот амбиент во РМ и уверена сум дека тие ќе имаат трајно влијание во македонскиот културен контекст“, рече Канческа-Милевска.
Академик Митко Маџунков, претседател на стручната редакција на едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ во своето обраќање рече дека е недостиг на инвенција да се критикува она што треба да се фали, реагирајќи на некои мислења за трошокот за реализација на овој проект.
„Многу пари за култура е синтагма која не е позната никаде во светот. За културата никогаш нема доволно пари. За неа треба да се издвојува уште повеќе, дури и над своите можности, како за патишта, зашто токму таа го создава внатрешниот сообраќај меѓу луѓето“, рече Маџунков.
Тој ја пофали работата на луѓето вклучени во овој преокт – преведувачите и лекторите, а како посебно квалитетен го посочи преводот на „Гаргантуа и Пантагруел“ од Рабле, направен од Офелија Ковиловска, поради тоа што се работи за обемно дело и тешко за превод и нејзиниот потфат го нарече подвиг зашто ги решила неговите скриени финеси кои порано биле недостапни за лингвистите.
Едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“ ќе има вкупно 560 наслови и се очекува да биде завршена до крајот на годинава.