Сојузот на борци од Струга ќе одбележи 71 година од формирањето на Првата македонска ударна бригада

Под мотото „Мир-Традиција-Иднина“, во понеделник, 8-ми јуни во Струга ќе биде одбележана 71 година од формирањето на Првата Македонска Пролетерска Народно-Ослободителна Ударна Бригада. Свеченоста ја организира Сојузот на борци од НОАВ 1941-1945 на Македонија-Општински одбор, Струга, со следнава програма:

– 11:00 часот-Отворање на свеченоста-Простории на ОО СБМ-Струга

– 11:15 часот-Полагање на свежо цвеќе на Споменикот на револуцијата во Струга

– 11:30 часот-Делегација на СБМ ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на Првата Македонска Пролетерска Народно-Ослободителна Ударна Бригада во с.Локов(Струшка Малесија)

– 11:45 часот-Поздравен збор на Претседателот на Општинскиот одбор на СБМ-Струга Ајредин Мемеди

– 12:00 часот-На присутните ќе се обрати В.Д.Претседател на Г.О. на СБМ Вера Бунтеска

– 12:15 часот-По повод формирањето на ПМПНОУ Бригада ќе зборува историчарот Наце Иваноски.

ПМПНОУБ е формирана на 8-ми јуни 1944 година во с.Локов,Струшка Малесија. ПМ Бригада беше составена од два македонски батаљона кои претходно беа во состав на ПМКНОУБ: Кичевско-дебарскиот и Преспанско-Охридскиот батаљон, како и борци на Партизанскиот одред Јане Сандански, Велешкиот партизански одред, Костурско-Леринскиот партизански одред и ново пристигнати борци од Малесија, Дебрца и Копачка.

Првата Македонска Бригада учествуваше во борбите во Струшка Малесија, Дебрца и Копачка за ослободување на Дебар, Охрид, Струга, Кичево, Гостивар и други места во Западна Македонија,како и при пробивот на Сремскиот фронт ослободувањето на Славонија, Загреб се до крајните северни граници на Југославија до конечната победа над фашистичката окупаторска војска. Зад тие борбени патишта стојат околу 1038 борци од кои 378 ги оставија своите животи на военото боиште.

Извршувајќи ги најтешките борбени задачи,Првата бригада ги достигна звездените мигови на македонскиот народ,во неговата епохална НОАВ и како сојузник на антифашистичката коалиција го даде својот значаен придонес за првпат за Македонија посебно да се чуе и знае ширум светот.

За посебни заслуги во Втората Светска Војна и нејзиниот извонреден придонес во борбата против фашистичкиот окупатор и домашните предавници,со наредба на врховниот командант на Југословенската армија ЈОСИП БРОЗ ТИТО,беше прогласена и именувана како единствена македонска бригада со назив Пролетерска.

Од 1-вата Македонска Ударна Бригада за Народни Херои се прогласени шест и тоа:Чеде Филиповски-Даме,Коста Михајловски-Михо,Драгутин Ѓорѓевиќ-Алија,Крсте Црвенковски-Трајко,Лазар Поповски-Трајче и Атанас Забазноски-Руски. Бригадата е одликувана со Орден заслуги за народ и Орден на Братство и Единство.