Републичкото Собрание денеска во рамки на 53 седница, ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кој се овозможува откуп на стаж, пренесува МИА.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов информира дека со законот се воспоставува можност за осигуреникот кој бил во работен однос, но не му е платен придонес за пензиско и инвалидско осигурување за период до 31 декември 2008, сам за себе да изврши плаќање на придонесот и со тоа да оствари право од пензиското и инвалидското осигурување.
„Ќе им помогнеме на голем број граѓани кои најчесто во периодот на транзицијата, или поради затворање на компаниите поради стечај и ликвидација, не само што го изгубија работното место, туку и не им беа платени дел од придонеите за пензиско и инвалидско осигурување за периодот во којшто работеле,“ рече Спасов, потенцирајќи дека има огромен број лица кои се соочуваат со ваков проблем.
Се воведува, појасни, доброволна мерка во период од една година за сите кои сакаат да поднесат барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за сите кои работеле во компании кои повеќе не постојат во Централниот регистар да поднесат барање за да можат да го платат стажот по повластена стапка од 50 проценти од основицата за пресметка и плаќање на придонесот. Месечно тоа би чинело околу 2.800 денари. Ќе можат на некој начин да си го откупат стажот и да им влезе во основицата за пресметка на пензија во иднина, наведе Спасов.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласосока оцени дека станува збор за позитивен закон кој ќе помогне на голем број граѓани и оти има околу 20.000 граѓани на кои им недостигаат неколку месеци, па и повеќе години работен стаж.
„Искрено се надевам дека ќе бидат заинтересирани да ја искористат оваа мерка. Имајќи ја предвид финансиската состојба на овие граѓани се дава можност плаќањето да се изврши на 12 месечни рати, а основицата за наплата да биде 50 проценти од просечната плата што се исплаќала во државата во годината пред поднесување барање за плаќање на придонесот“, рече Ласоска.
На денешната седница на Собранието без расправа беа изгласани и законите за изменување и дополнување на законите за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка , за спречување на корупцијата, за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, за даночна постапка… Усвоени беа и законите за изменување и дополнување на законите за Централен регистар, за девизното работење, за заштита на потрошувачите, за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, ….
Претходно, поради истечен мандат Собранието го разреши постојниот и именуваше нов состав на Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџивасилев – Јасмин“, за чиј претседател е избран писателот и дипломат Јордан Плевнеш. За членови на одборот се именувани Нове Цветановски, публицист, Иван Кузмановски, новинар во Сител, Елизабета Мемиќ, новинар во МТВ, Тони Цифровски, новинар во Македонско радио, Душко Арсовски, новинар во МТВ, Елизабета Арсоска, новинар во Вечер, Дејан Трајовски, новинар во Вечер, Лилјана Грџо Дамовска, новинар во Дневник, Слаѓана Димишкова, новинар во Нова Македонија, Мухамед Зеќири, новинар во Алсат М, Решат Камбери, новинар во МРТВ-Радио.
Предложениот состав на членовите на Одборот го критикуваше пратеничката Солза Грчева, која рече дека во него „не може да види личности кои се приклонети кон идејата за која се борел борецот по кој е именувана наградата“.
Според Грчева, станува збор за „неизбалансиран состав“. Не би сакала да ги делам новинарите на провладини или не, но, овде се работи за една неизбалансираност, наведе Грчева.
Пратеникот Зоран Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Грчева изнесува паушални тврдења за квалитетот на одборот и оти се повторува ставот на опозицијата за, како што наведе, делење на општеството и новинарите на наши и ваши, на владини и провладини…
Изгласана е и одлука со која пратеничката Даниела Рангелова е именувана за претседател на собраниската Комисија за еднакви можности на мажите и жените, на местото на пратеничката Лилјана Поповска, како и одлука за објавување јавен оглас за избор на член на Агенцијата за електронски комуникации.
Во тек на утврдување на дневниот ред Собранието одлучи предлозите за изменување и дополнување на законите за основно образование и за средно образование да се донесат по скратена постапка. Измените следат по преговорите и потпишаната спогодба меѓу Министерството за образование и наука и Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата. Со оглед на договореното и крајот на учебната година Владата предлага законот да се носи по скратена постапка, образоложи заменик министерот за обарзование Спиро Ристовски.
По скратена постапка, според одлуката на Собранието, ќе се носи и Предлог законот за задолжување на РМ кај Банката за рaзвој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на проектот за изградба и модернизација на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и Регионалната клиничка болница Штип.
Со проектот, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, ќе се овозможи создавање квалитетна здравствена инфраструктура и подобрување на здравствената услуга за граѓаните. Се работи за значаен проект, при што услов за склучување на договорот за заемот е да се донесе нов закон за задолжување согласно постапката од Законот за јавен долг. Со оглед дека проектот предвидува две компоненти изградба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје и на Регионалната клиничка болница во Штип потребно е Собранието да го усвои законот за задолжување и потоа ќе се потпише Рамковниот договор, појасни Ставрески.
Собранието констатира по скратана постапка да се носат и измени на законите за стечај, за залог, за земјоделско земјиште, за здравствено осигурување, за агенции за вработување, за градежно земјиште, на високото образование…
Извор: Нет Прес