Довербата и вредностите се суштината на лидерството – предавање на генералот Фрикли на Воената академија

„Довербата не е дадена, таа се гради, и тоа преку лидерството базирано на вредности. Лидерството е пат на кој постојано одиме, пат кој нè води кон успехот“, рече во своето предавање американскиот генерал Бенџамин Фрикли пред питомците од прва, втора и трета година на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.

Зборувајќи од своето искуство во армијата, генералот истакна дека еден офицер секогаш предвид треба да ја има должноста, честа и татковината.

„Вие како идни лидери мора да ги исполните моралните обврски и да ги разберете и почитувате дадените задачи. Во тој процес вистината, секаде и секогаш, како и интегритетот мора бидат ваши водилки“.“– рече Фрикли.

Ние, посочи генералот, ги учиме нашите офицери и војници на седум основни вредности – лојалноста, должноста, почитта, несебичноста, честа, интегритетот и храброста.

„Овие вредности, заедно со грижата за своите војници, како основа за успешност, нека ве водат во вашата кариера. Не грижете се дали некогаш ќе бидете добри генерали, туку дали ќе бидете одлични потпоручници, поручници, капетани“, им порача генералот Фрикли на питомците. Мојата порака кон вас, рече тој, е да учите и да се надградувате постојано, имајте цврст карактер и секогаш внимавајте на вашите војници и на нивната подготвеност да ја извршат задачата и да се вратат дома живи и здрави.

На предавањето, посветено на лидерството во вооружените сили, питомците имаа несекојдневна можност да воспостават и дијалог со генералот Фрикли на повеќе теми, вклучувајќи го и неговото екстензивно искуство на боиштата во Ирак и Авганистан. Генералот Фрикли неодамна се пензионираше по повеќе од 35 години активна служба во американските Вооружени сили. Генералот е и професор за лидерство на Универзитетот во Аризона, САД.