Во текот на мај 2015 година, Царинската управа на Република Македонија, согласно своите надлежности кои што произлегуваат од Законот за акцизите, изврши контрола на обележување и употреба на контролни марки – бандероли во малопродажни и угостителски објекти кои вршат промет со акцизни добра.
Од досега извршените контроли неправилности се откриени во 6 трговски друштва при што привремено се задржани акцизни добра – алкохолни пијалоци.
При контрола на 2 трговски друштва (1 угостителски и 1 малопродажен објект) откриени се шишиња со домашна ракија кои воопшто не биле означени со контролни марки, ниту поседувале било каков сертификат за квалитет, а се нуделе на продажба. Ракијата е привремено задржана.
Конзумирањето неиспитани, потенцијално неисправни алкохолни пијалоци неозначени со контролни марки претставува сериозен ризик по здравјето и животот на луѓето.
Царинската управа ќе продолжи со редовни контроли на обележување и употреба на контролни марки – бандероли во малопродажни и угостителски објекти на целата територија на Република Македонија, како и контроли на безбедноста на акцизните добра.
Контролите се вршат со цел обезбедување сите иматели на акцизни дозволи и акцизни одобренија, како и учесниците во трговските операции кои вклучуваат промет со акцизни добра – минерални масла, алкохол и алкохолни пијалоци, тутунски добра и патнички автомобили, целосно да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од Законот за акцизите.